Напомена: Текстот е во целост преземен и преведен од www.psihoterapijaipsiholoskosavetovanje.rs
Добриот брак е врска која се заснова на љубов, доверба, почит и взаемна поддршка.
Клучни елементи кои го карактеризираат добриот брак се:
- Комуникација: Отворената и искрена комуникација им помага на партнерите да се разберат меѓусебно и да ги решат проблемите пред тие да ескалираат.
- Доверба: Довербата е основа на секоја стабилна врска. Партнерите кои си веруваат може да се потпрат на взаемна поддршка и доверба во заедничките одлуки.
- Почит: почитувањето на чувствата, потребите и ставовите на партнерот е клучно за одржување на хармонијата во врската.
- Компатибилност: сличните погледи на животот, истите вредности и интереси придонесуваат за чувство на блискост и поврзаност.
- Поддршка: меѓусебната поддршка во тешките моменти и славењето заеднички успеси ја зајакнуваат емотивната врска меѓу партнерите.
- Интимност: Физичката и емоционалната интимност помагаат да се изгради подлабока врска и да се одржи страста во врската.
- Простување: Способноста да се прости и да се надминат несогласувањата е од суштинско значење за долгорочното здравје на врската.
- Заеднички цели: работењето на заеднички цели и планови, без разлика дали се работи за семејство, кариера или личен развој, им помага на партнерите да се чувствуваат како тим.
Добриот брак бара труд, посветеност и подготвеност за прилагодување и компромис. Работејќи на овие елементи, партнерите можат да изградат стабилна и среќна врска која трае.
„И тие живееја среќно до крајот на животот…“ не мора да биде бајка, туку избор што сте решиле да го правите секој ден.
Никогаш не престанувајте да се забавувате еден со друг
Само затоа што сте во брак не значи дека повеќе не треба да се заведувате. Најдете време да се забавувате, да создавате спомени заедно (патувања, пикнизи, рандевуа), постојано да се поврзувате, да си поставувате отворени прашања еден на друг (на кои може да се одговори), сонувајте заедно и никогаш не престанувајте да се освојувате еден со друг.
Проблемот на многу бракови е досадата, недостатокот на возбуда, рутината во која парот брзо запаѓа. Ова е особено проблем за луѓето кои се поавантуристи и сакаат адреналин или барем доволно возбудлив живот. Првите две години по раѓањето на првото дете обично се критични, бидејќи парот се навикнува еден на друг, на новата улога и на многу поинаква структура на животот. Многу бракови не ја преживуваат оваа фаза: или доаѓа до развод или до трајно нарушување на односите меѓу сопружниците, што резултира со лош брак кој трае со години.
Забавувањето со брачниот другар (анг. date или dating) треба да продолжи дури и во бракот. Дава доза на возбуда, создава убава динамика во врската, спречува досада и овозможува понатамошен развој и консолидација на љубовта. Парот мора да има време за себе, време кое нема да ги вклучува децата и другите членови на семејството. Брачната двојка нема само родителска улога, туку и брачна, што е подеднакво важно како и првата. Ова често се јавува како проблем кај големите семејни заедници каде што одморите, патувањата и излегувањата „имплицираат“ вклучување и на други членови, па парот никогаш нема време само за себе.
Зборувајте отворено
Вашиот сопружник не чита мисли. Постојаната комуникација со вашиот сопружник гарантира дека сте на истиот пат кон иднината и дека имате реални очекувања еден од друг. Одвојте најмалку 10 минути дневно за да разговарате за важните работи во вашиот живот. Комуникацијата без обвинувања и осудувања, туку со почитување на (различните) мислења овозможува градење на здрава врска.
Стратегии за оној што зборува:
- Зборувајте внимателно (изберете ги зборовите)
- Поставувајте значајни прашања
- Не зборувајте премногу (избегнувајте монолози)
- Прифатете ја тишината
- Избегнувајте вкрстено испрашување
Стратегии за оној што слуша:
- Слушајте внимателно
- Не прекинувајте
- Појаснете што сте слушнале
- Коментирајте го она што сте го слушнале
- Сумирајте го кажаното
Во комуникацијата, едно од златните правила е дека не е важно што е кажано, туку начинот на кој е кажано. Добрата комуникација значи да се залагате за себе, без да ги повредувате другите.
ЈАС Речениците секогаш даваат подобар резултат од ТИ речениците:
- Би сакал/а да не ме прекинуваш додека зборувам. (Секогаш ме прекинуваш кога зборувам.)
- Би сакал/а да ми помогнеш заедно да го решиме проблемот. (Ми треба да ми помогнеш да го решам проблемот, а ти секогаш се извлекуваш и никогаш не правиш ништо.)
- Мислам дека не ме разбра што сакав да кажам. (Глупав/а си ако не го разбираш тоа.)
- Многу ме лути што повторно доцниш. (Како можеш да бидеш толку неодговорен. Нели ти реков конечно да се доведеш во ред.)
Извинете се кога ќе направите грешка
Кога ќе згрешите, треба да признаете дека сте згрешиле и да му се извините на партнерот. Кој е во право, не е толку важно, колку што е важно да останете заедно. Преземањето одговорност за повредата што сте ја нанеле на вашата сакана личност ќе создаде атмосфера на доверба.
Извинете се дури и кога не сте погрешиле доколку вашиот сопружник навистина се грижи за работите за кои се расправате, бидејќи често нашите конфликти се сведуваат на расправии заради друга расправија. Ова одлично го опишува будистичката приказна на Ајахн Брам од книгата „Кравата што плачела“, која накратко ќе ја парафразираме: „Тазе земени маж и жена шетаат низ шумата, среќни и заљубени слушаат звук од птица кој доаѓа од далеку. Мажот вика: „Патка!“, а жената му одговара: „Каква патка, кокошка е“. И тогаш почнува расправијата, патка е, кокошка е, е патка е, е кокошка е… Тогаш мажот во заносот на расправијата, за првпат гледа солзи во нејзините очи. Тоа го отрезнило, па ѝ рекол: „Во право си, душо, кокошка е“, бидејќи нејзината среќа, а со тоа и заедничката, му била поважна од тоа кој е навистина во право.
Секогаш претпоставувајте го најдоброто
Немојте секогаш однапред да претпоставувате што ќе ви каже партнерот или како ќе реагира. Среќните парови секогаш се фокусираат на позитивното кај другиот и секогаш го претпоставуваат (и очекуваат) најдоброто. Додека, пак, фокусот на негативното обично дава негативни резултати.
Изберете љубов
Чувствата доаѓаат и си одат, но љубовта е избор. Секојдневно правете нешто што ќе ве зближи со партнерот и ќе најдете нови начини да ја покажете вашата љубов со намерни знаци на внимание и наклонетост. Повредата, лутината, разочарувањето, љубомората, стравот од напуштање… се чувства кои доаѓаат и си одат. Додека, пак, само љубовта е избор наместо чувство. Некои луѓе ја доживуваат како страст и занес, иако љубовта обично има мала или никаква врска со нив.
Компромисот е дел од секоја врска
Престанете да губите време за тоа кој е во право, а кој не. Наместо тоа, застанете и пронајдете компромисно решение кое ќе ви одговара и на двајцата. Се разбира, има опција А и опција Б, но има и голем број опции од V до Z кои треба да се разгледаат.
Бакнувајте се еден со друг
Бакнувањето не само што е одлична предигра, туку влијае и на производството на љубовниот хормон, окситоцин, кој влијае врз нашите љубовни однесувања (врзување, градење доверба, почит, љубов и безбедност). Физичкиот контакт е од суштинско значење за одржување на љубовта и бракот. Тој не подразбира само сексуален однос, туку и (намерно) држење за рака, нежни допири, гушкање… Зачестеноста на сексуалните односи се намалува како што напредува врската и бракот, а тоа често е повод за незадоволство од страна на еден од брачните другари.
Секогаш простувајте
И простувањето е избор, а не чувство. Бидејќи вашиот партнер не е совршен, мора да одлучите да му простите за да не се чувствувате постојано огорчено и повредено. Простувањето е најдобрата навика што можете да ја усвоите за време на вашиот брак. Тоа подразбира постоење на позитивни чувства, позитивно однесување и позитивен начин на размислување за личноста која ни нанела повреда (зло). Проблемот е што списокот на зла за кои се вознемируваат партнерите е многу широк, па дури и тривијалните работи се прогласуваат за непростливи (доцнење, непочитување договор, заборавање, несогласување во размислувањето…).
Доколку ти се допадна статијата, еве уште една, но која е лична, напишана според моето искуство.
Извор: marriage365.org
Насловна фотографија: Trung Nguyen/Pixles