Понекогаш премногу мислење може да не’ доведе до губење контрола врз сопствениот живот, како и во љубовта, како сегмент од него. Едноставно, наместо да уживаме во љубовта, ние бираме да ги анализираме работите одново и одново. Како човек кој е во долга врска, сметам дека имам прилично доволно искуство и знаење во оваа област. Не дека сум вистинскиот љубовен гуру за тебе, ама сепак си давам за право да „паметувам“ на оваа тема. Како за сефте, одбрав да пишувам за трите ментални навики кои можат да го саботираат твојот љубовен живот.

Инспирација за оваа статија, добив од американскиот сајт culturehook.

1. Сфаќаш дека се’ се случило набрзина.

Во мојот случај, баш се’ се случи набрзина. Побогу, имавме дејт подолг од 19 часа! Но, никогаш не размислував на тој начин дека премногу сме избрзале. Едноставно си кажав: или ќе биде One-night stand или ова нешто ќе трае. Избравме да биде второто. Нормално, се соочуваме со доста проблеми, но никогаш како проблем не го доведовме првиот состанок, воопшто. Баш напротив. Го сметаме за најубавиот и најлудиот дејт кој некогаш сме го имале.

Мој совет е дека доколку сфатиш дека си избрзала со својот избор, секогаш имаш можност да си заминеш. Не се оптоварувај со тоа, воопшто.

2. Не веруваш дека ќе ги исполниш сите свои барања и потреби.

Врската е компромис. На почетокот, мојот партнер имаше потреба од повеќе слобода за исполнување на своите потреби и барања. Сакаше да оди на патувања со другарите и сето тоа беше во ред. Бидејќи и јас имав свои потреби и барања. Кога бевме заедно, бевме заедно во буквална смисла на зборот. Дискутиравме со часови, се зезавме, ги тргавме телефоните настрана и уживавме во нашето запознавање еден со друг. Како што времето поминуваше, така бираше се’ помалку време да поминува со другарите, а се повеќе со мене.

И оваа дистанца, сметам дека се’ си течеше во најдобар ред. Можеби на почетокот ми сметаше тоа што работите се одвиваа така, но сега сум среќна. Не ги изгубивме пријателите, ниту самите себеси. А и да бидеме искрени, некои работи се прават само со пријателите, а некои само со партнерите. И тоа е закон.

3. Мислиш дека нема да си среќна доколку не го добиеш тоа што го сакаш.

Зависи што сакаш и колку сакаш. Со текот на времето ќе сфатиш дали врска оди на добро или стагнира, или во најлош случај се влошува. Не влегувај во врска само затоа што очекуваш таа да ти го промени животот. Затоа што нема. Врската може да ти го промени животот само ако и’ дадеш вистинска шанса. Може да те научи на многу нешта, само ако ти сакаш да извлечеш некаква поука.

Така што ако сакаш внимание, љубов, разбирање, комуникација си на добар пат. Ако не добиваш ништо од тоа, тргни се. Бидејќи ќе бидеш уште понесреќна во врската, отколку да се одлучиш да бидеш сама и „осамена“.

photos: Pixabay

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.