Сашка Кузманова од Кавадарци е долгогодишен хуманитарец и основач на првата компанија Инфинити Лајф КС, која што изработува перики од природно влакно, а се наменети за сите лица кои што се соочуваат со најлошата болест – карциномот. Со неа веќе имав направено интверју за Репортер.мк, каде што изјави дека секоја насмевка на болните од рак ѝ влева надеж дека барем малку им помогнала.

Таа вели дека секојдневно се среќава со лица кои се соочуваат со оваа болест, па оттаму ѝ дошла и идејата да изработува перики за онколошките пациенти.

„Постојано слушав колку се скапи перики, како и самото лекување, па пациентите не ни можат да си дозволат перика од природно влакно. Тоа ми даде мотив да побарам дали во Македонија има некој кој што ги изработува. Откако сфатив дека кај нас не постои таква личност, одлучив јас да бидам онаа која ќе им го олесни патот и ќе им овозможи да ја исполнат својата желба“, вели Сашка.

Таа воспоставила контакти со бројни фризерски салони во земјава, а разговарала и со лица од странство, па така во екот на пандемијата, почнала да го посетува оналјн курсот за изработка на перики кај менторка вон Македонија.

Иако Сашка се соочила со бројни предизвици во текот на пандемијата, сепак после година и пол конечно била спремна самостојно да изработува перики, а веќе има изработено над 30 перики. Таа вели дека сѐ повеќе фризерски салони ја поддржале нејзината идеја, како и голем дел од македонските граѓани.

„Огромен број дечиња и возрасни ме поддржаа и застанаа покрај мене. И ден-денес, интересот за донирање е сѐ поголем и поголем. Ме радува фактот тоа што нашите Македонци се еден хуман народ. Иста така, огромна поддршка добив и од многу приватни компании и амбасади, како и од детска клиника, бројни ординации и болници низ Македонија, разни здруженија и организации и сл“, вели Сашка.

Таа додава дека успеала да ја исполни нејзината најголема цел, со што ќе измами уште повеќе насмевки. Како што вели Сашка, желба ѝ било да ги подари изработените пораки. Па така, отсега ќе се подаруваат сите досегашни и идни природни перики.

„Најмногу се радувам што знам дека ќе видам многу насмеани лица, а ние ќе бидеме виновни за нивните насмевки“, вели горделиво таа.

Сашка јавно ги повикува сите компании коишто сакаат да застанат позади неа, да дадат свој придонес, а воедно и помогнат некому слободно да ја контактираат.

„Нема нешто поубаво од некоја личност кога ќе видите дека се смее, а вие сте причината за тоа. Нема нешто поубаво кога ќе ја ставите таа перика. Очите полни со солзи, насмевка на лицето, а срцето полно, преполно.
Во иднина се надевам дека ќе имаме поголема поддршка, а со тоа ќе израдуваме и повеќе личности. Затоа што секој заслужува да е среќен. Ако не можеме на некој голем начин, можеме на ваков. Мал, но сепак, момент кој се памети вечно. Сакам сите личности да знаат дека не се сами, ја имаат мојата поддршка. А таа е најважна. Секоја поддршка е важна, взаемната е мотив дека заедно можеме многу повеќе“, вели Сашка.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.