Ја видов фотографијава и прво на што се сетив е онаа моја најдобра другарка, патем ужасна особа, анксиозноста. И себе.
За првпат на слика заедно, лице в лице. Како најдобри другарки.
Таа е столот, јас сум балонот. Таа ме држи цврсто, не ме пушта. А јас се што сакам е да летам, да битисувам. Се што сакам е слобода, па макар и да пукнам, да свенам, да омалам, да отидам предалеку.
Една граница не дели. Еден чекор мал. Таа не ме пушта. Молам, преколнувам, пушти ме веќе. НЕ! Таа решила да ме држи тука.
Свиена во мене, залепена за портите на душевните авлии, приклештена за срцевите артерии.
Дрска, безобразна, посесивна, љубоморна, арогантна… сопирачка, досадливка, прекорливка. А, јас се што сакам е да бидам сонувалка… сосема поразлична од мојата другарка.
На дрскотијата да вратам со милост.
На безобразието со разбирање.
На посесивноста со љубов.
На љубомората со солидарност.
На ароганцијата со скромност.
На пречките да возвратам со слобода.
На досадата да вратам со забава.
На прекорот да вратам со насмевка.
photo: Pixabay
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.