
Одамна не сум пишувала за другарка ми, анксиозноста. Некако после се што се случи, немав ниту зборови, ниту сила за многу работи. Сите снеможевме после трагедијата која ни се задеси.
Деновиве анксиозноста ми е пуштена на најјако, но тоа воопшто не ме чуди, си имаа таа кај мене „свои периоди“. И како најдобро да се справиш со тоа, ако не си олесниш…
Лукава е таа, ќе си игра со твојот мозок и ќе те убедува во спротивното. Ќе почне да ги сенчи твоите бели и чисти мисли, додека не ги оцрни. Ќе надвиснат врз твоите плешки, а ти ќе ги буткаш како Сизиф каменот.
Ќе се бориш со сета снага, и ќе се избориш. Како да си на турнир и се бориш да освоиш златна медаља. Мечовите ќе се нижат, борбите ќе траат и накрај ќе се избориш. Ќе земеш здив, ќе се насмееш и ќе продолжиш.
Ќе ти вели дека си неспособна и не те бива за ништо, а ти ќе ѝ вратиш со сите досегашни успеси. Ќе ти каже дека џабе било, кога не си го го направила тоа сосема сама. А ти ќе ѝ вратиш со зборовите дека си сакана и поддршката прелива од сите страни. Ќе те убедува дека си немоќна работите да ги решиш, а ти ќе ѝ кажеш дека оставаш и на судбината сама да реши. Ќе те убеди дека во тебе се крие мала Баба Ванѓа и набргу, истиот час, ќе се случат незамисливи работи. А ти ќе ја прашаш: „Навистина ли? Зошто тогаш не успеав многу работи со помислата да спречам?“
Ќе те подготвува таа за најцрни сценарија, ќе те остава без сон, а ти како искусен адвокат ќе се браниш пред нејзиниот суд. Ќе се браниш за слобода и слободни мисли. Ќе си одржиш медитации, визуелизации, ќе бидеш кројачка и вајарка. Ќе ги скратиш сите црни мисли и ќе ги обликуваш во бели мили облаци. Ќе ги пуштиш да одат, да летаат кон вечноста. Ако треба за миг ќе се качиш на нив. Ќе замислиш како си над се и секого. Ќе ти дојде душичката на место.
Ќе се сетиш дека таа пак ќе дојде, ама знаеш дека пак ќе ја победиш. Таа е тука, бидејќи знае колку си кревка и емпатична, и не знаеш за зло. Затоа и си игра со тебе. Бидејќи лошите луѓе не знаат за анксиозност. Да би знаеле, би се плашеле од она што никогаш нема да се случи. Би внимавале со зборовите, би биле човечни со сите. Но не, злото и анксиозноста не се пријатели стари, туку непријатели. Како две сили што непречено се спротиставуваат. А во суштина сакаат да наштетат. Затоа и не одат во пар.
Таа не оди кај нелуѓе, туку кај чистите души. За да може да си подигрува со нив.
Но залудно ѝ е. Јас добивам љубов, јас живеам во изобилие од љубов. Јас добивам поддршка, и гледам наоколу подадени раце. Јас се борам и со раце и со нозе, и тоа ми дава сила да продолжам. Како и секој од нас, кој се бори со оваа состојба.
Затоа пред да те убеди дека не вредиш, сети се колкав борец и човек, пред сѐ си. И таа не те дефинира, воопшто… не вреди ни да се спомне. Знам, и јас сум голтала кнедли поради неа. Превентивно сум зборувала дека е присутна некаде таму, во мозочните ќелии. А сега избенувам и името да ѝ го спомнам. Зошто? За да ја хранам?
Ех анкисозност, моја драга, можеш да напаѓаш… ама јас ќе ти враќам. Немам зошто да се плашам. Вистинското зло е надвор, и го чека својот час… и ако нешто треба да се случи, ниедна анксиозност не може да те припреми. Тука ни е само вербата и молитвата сите да сме живи и здрави.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.