Активно користам Фејсбук веќе 13 години, иако првиот профил го отворив околу 2007-мата кога платформата благе везе немаше со сегашната. А и ретко кој беше приклучен, повеќето уште фураа на Hi5. Оттогаш до денес работите каде каде се сменија. Па дури и си малку старомоден меѓу помладата популација бидејќи повеќето од нив се насочени кон Инстаграм и ТикТок.
Ама ако. За мене Фејсбукот секогаш ќе биде Фејсбук, отворениот прозерец кон светот. И за жал тој прозорец го чувствувам дека е спремен да пукне, да експлодира од завист и љубомора, омраза и гнев.
Како минуваат годините, така повеќе како да расте потребата за самодокажување, особено на туѓи постови. Добро бе, па дали е тоа нормално, постојано некој да се става себеси во центарот на вниманието и кога тоа во тој момент не е насочено кон него? Која е потребата од постојаното ЈАС, па ЈАС?
И ајде што се става, туку и не знае да се радува на туѓите успеси. Како да заборава да каже едно сочно „Браво“ или „Чесититам“ или „Уживај“. Еден прост коментар од пет букви ќе зрачи многу повеќе од „А јас кога бев…“, „Добро ме потести, и јас сега…“ или „И јас исто…“.
Тоа што за некого е нешто ново, а за нас старо, тоа не значи дека треба веднаш да скокаме и да се ставаме себеси во прв план. Бидејќи еден ден и за нас нешто ќе биде ново, а за личноста одамнешно минато. И што е сега, треба ли да ни враќа во иста мера? Не.
Залуден е овој натпревар, особено е уште позалуден кога се обидуваме да се претставиме себеси во најубаво светло, а притоа газиме по живи луѓе, па дури и по лешови, само за да докажеме дека сме подобри. Залудно е, бидејќи омаловажувајќи ги другите и намалувајќи ја нивната вредност, забораваме што значи да си дел од вистинското општество, да си дел од една поголема заедница каде е секој инидивидуа за себе.
Заборавивме на вистинските вредности на животот: почит, љубов, емпатија, разбирање, жртвување, слога… Заборавивме да сме луѓе, а не пак не што друго.
Ако некој постигнал успех, радувајте се. Ако некој заминал некаде, радувајте се. Ако некој научил нешто ново, честитајте. И само за момент заборавете на себе. Ако имате некаков искрен совет споделете го, во приватна порака. Не мора никој да знае за вашите искуства.
И да. Не подразбирајте се’ што е на Фејсбук дека е за фалба или дека е наменето кон вас да ве изнервира. Секој ѕид е приказна за себе. Секој сака да сподели нешто убаво, нешто ново. Да раскаже некоја приказна, да мотивира, да инспирира, да покаже некоја вештина, да сподели некое искуство и знаење.
Она што за вас е можеби глупост, за некого во моментот е најубавото нешто што му се случило. Оставете го. А ако немате што да му кажете, одминете го.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.