Завчера наполнив 28 години, и убаво велат. Тоа се 18 години и 10 години искуство. Млада во духот, подостарена во спознанието. Си добив честитки мал милион, па дури и лични пораки од оние кои најмалку очекував. А имаше и онакви од кои очекуваш, во името на добрите денови, кои ете, решиле да не те почастат со стикер за роденден. Еден „глуп“ стикер, три „глупи“ букви. „Глуп“ ама значи. Собрав милион „глупи“ стикери и за секој од нив ми разигра срцето. Ако, се сетил. Одвоил мили-секунда од својот живот. Прочитал дека ми е роденден и воала!

А за овие другиве, па ми текна. Си викам: „Добро бе Маци, па не е морално некој да ти честита“. А овој другиов попаметниот глас, па ми вели: „А ти што очекуаш? Се уште ли слепо им веруваш и се надеваш?“. И решив да му посветам внимание на овој другиот, поискусниот. Оној што кара, што прекори, мајчиниот глас, учи, се’ за мое добро.

И да бе, да. Јес да не е морално да честиташ, сепак е почит. Ама оваа почит не се стекнува на еден ден, и мојот роденден не е за нив специјална пригода за да го сменат мислењето и однесувањето. Само што, ќе помине, а јас па будала, пак ќе трчам по нив. Во името на старите добри денови. Затоа што, нели, јас сум подобра и попаметна, па попуштам. Аха. Ти прави им ќефови, угодувај им. И пак попаметна. Јок. Во нивните очи понаивна и поглупа.

А срцево мое, па, не разбира. И тоа како мене. Мозоков се обидува да не’ надмудри.

Овој вториот глас ми вели: „А бе, до кога ќе му правиш стресови? До кога со доверба, надеж и други гревови? Ти бе, кога ќе се опаметиш?“

И тогаш се’ ми се враќа како бумеранг. Сите зборови, сите нешта ми се одбиваат од глава. И се навраќам на секоја непочит, на секоја изневерена доверба. Надежта ме гледа во очи и моли, да не ја убивам, ми збори. Ама како? До кога?

„Не те убивам јас, надо. Другите те убиваат, а јас те оживувам. Знаеш ли колку пати воскресна? Многу пати. Не ми го прави ова, има други на кои треба да те полевам, да те дарувам. Не оди, надо, на прикриени душмани, да ти ја трошам снагата. После тоа, се губиш. Ми требаат некогаш месеци, па и години, да те вратам во нормала“, ѝ велам кобајаги на надежта.

Ќе се сфати ли таа дека другите ми го моделираат карактерот? Ќе сфати ли дека другите се виновни за губењето на мојата наивност? Ќе сфати ли дека другите се оние кои одлучуваат колку ќе им верувам на другите?

Си мислам, па си велам, толку сум изгорена. А се’ уште имам надеж. Ама не за оние кои ја убија. Туку во другите, непознатите. А некогаш и тоа како се исплаќа. Добивам позитивен фидбек, добивам насмевка, добивам другарства.

Ама решив. Како тие со мене, така јас со нив. И не смеам да го оставам само на зборови, ќе го спроведам во пракса. Поговорката вели „Попаметниот попушта“, па оттаму и јас ја спомнав погоре паметноста. Но едно е да попуштиш за доброто на двајцата, а друго е кога попушташ само за доброто на другиот. Попушатај, но умерено. Давај шанси, но умерени. Не за друго, да не се повредиш.

Ако некој се сменил, ќе го увидиш тоа. Во неговите очи, во неговите дела. Ќе сфатиш дека не си згрешила. Ама ако некој не прави ништо за да го докаже тоа, тогаш тоа не е ништо друго освен „пишање уз ветар“, што би рекле Србите.

photos: unsplash

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.