Некако уште сум под импресии од денешниот ден и чувствувам слатко-горчлив вкус на усните. Од една страна спокој дека 14 пациенти ќе добијат органи, а од друга страна тага за прерано изгаснатиот живот.

Како и за Емилија, така и за Верица, истото чувство. Две хероини, различни, посебни, а сепак обете ќе живеат вечно. Што во туѓите тела, а уште повеќе и уште потрајно во туѓите срца.

Верица била млада девојка, всушност, во цутот на својата младост. Невина и чиста душа која како и многумина прерано згаснати животи, во себе носела бројни осништа и копнежи.

Секој човек копнее и сонува, секој човек мечтае и чувствува, битисува. Еден сон згаснал, а друг се разбудил. Една душа згасна, а 14 се пробудија.

Господ да ги благослови сите оние кои ги добија или ќе ги добијат органите на Верче. Да им подари долг и спокоен живот, со божјата шанса.

А на семејството на Верица, Белчоски, им посакувам долг и спокоен живот. Им се поклонувам. Нека знаат дека се „виновни“ за 14 насмевки и продолжени животи.

Животот на Верче не згасна, тој продолжува, само во различни тела и во различни димензии. Но душата е таа… никогаш не заборавена.

Нека зрачи денов заради тебе Верче, заслужуваш! Почивај во мир, убавице.

Фото: Фејсбук

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.