Не е досаден оној што секое утро ти посакува ” убав ден “.
Не е досаден оној кој постојано се грижи за тебе и те носи во мислите.
Не е досаден оној кој ти посакува “добра ноќ “пред спиење .
Еден ден можеби ќе стивнат зборовите, еден ден можеби ќе ги нема тие букви на екранот ќе ги нема повиците, ќе ги нема прегратките .
Еден ден, рамната линија ќе заживее секојдневно , таа што ќе не потсетува колку имавме, а не знаевме да го цениме тоа имање.
Еден ден тротоарите ќе ни бидат сведоци за изминатиот труд во кој не вложивме ништо, а најмалку себе си .
Тие тротоари ќе ја покажуваат насоката за подобро утре, кое ние не го градевме, туку оставивме да бидеме сведоци на некои чудни утра во кои не будат нејасни слики.
Не изградивме ниту педа од себе си, а бевме и сме верна копија на екраните кои не опседна со неморал, пластика и брзи пари.
Светлечките реклами на казината се како Глобус сала, додека библиотеките зјаат празни.
Нема дечиња кои читаат во читална, нема среќа во погледите на луѓето .

Стресот и депресијата се секојдневна утринска доза која го руши здравјето на луѓето како кула од карти.
Ден за ден, час по час, иднината ни ја кројат, ја сечат и ја мерат до безумие.
Остана уште воздухот да го стават во боци и на излегување од маркет, секој да земе по една.
А можевме!!!!
Можевме да бидеме “добро утро” со насмевка.
Можевме да бидеме “добра ноќ ” со комшиите.
Можевме да бидеме зелена долина и сончев рај, бидејќи сме средината на светот, но ние..
Се делевме и уште се делиме..
Едните се важни, другите неважни, едните се богати, другите сиромашни..
И стигнавме до заклучокот дека не е важно дали си Стојкоски, Салифоски, Рамизи, Рамадани, Стерјаѓиш, Бошковиќ, Зедели, Демири, Аслимоски, Пашабеговиќ..
Би набројувала до утре, но муабетот е ист..

Можевме да бидеме букет од разнобојни цветови на Балканот, да градиме, растеме, учиме и создаваме подобра иднина.
Сите заедно, рака за рака, ден за ден, но некои чудни луѓе ни кроеја фустан кој стснува се потесен, секој ден заминувањта болат, а иднината зјае во празните погледи, оние што пресушиле од солзи.
Земјичката е наша, ова малечка, каква и да е..
Еден ден и ние ќе бидеме спомен, но каква иднина ќе изградиме…
Верувам и ќе верувам во добрината на луѓето , растев со Љубов и добрина и дај Боже да си подадеме рака , да бидеме луѓе и да изградиме мост кој ќе биде сведок на непокорот на еден народ.
Шаренолик, ама најубав ..
И не е важно кој си, што си, која вера си..

Ќе се цитирам себе си
„Верувам во луѓето, за мене таа вера е најсилна” – Оливера Ширговска, 28.01.2023

Автор: Оливера Ширговска

Фото: Unsplash.com – @harlimarten