Мери Бајрамовска е една од најинспиративните жени кои ги познавам. Таа е сопруга и мајка на две прекрасни деца, магистер во областа на туризмот и работи на Аеродромот Св. „Апостол Павле“ во Охрид. За себе вели дека „има визија и стратегија да твори, создава и да ги мотивира другите луѓе“. Но она што е интересно за неа, е тоа што е една од најбараните мејкап артисти на Балканот и пошироко, па многумина ја знаат по нејзиниот профил Makeup by Meri“, каде го прикажува својот автентичен и авангарден стил на шминкање, всушност, таа покажува диктира еден урбан и препознатлив моден правец во шминкањето. Мери е секогаш во чекор со најсвежите модни трендови, пренасочувајќи ги светските модни текови на шминката кон македонскиот пазар, дисциплинирана и одговорна во својата работа.

И еве ме „очи в очи“ со единствената Мери. Уживајте во прекрасното интервју со неа…

Семејство, сопруг, работа, пријатели. Имаш ли време сето тоа да го искомбинираш?

„Успешна жена треба да знае да менаџира, како професионално, така и приватно. Да биде лидер на работното место, но и да биде добра сопруга, мајка, другар и пријател. Немањето време не може да биде оправдување за некои важни работи во животот. Вие имате 24 часа за трошење секој ден и самите избирате на што ќе ги потрошите. Доколку немате доволно време за да го повторите материјалот за испит, да отидете на пијачка со пријателите или да прочитате книга, тоа не е затоа што немате време, туку затоа што така сте одлучиле. Наместо овие активности сте избрале да правите нешто друго. Така и јас покрај работата која што ја работам на Аеродром веќе 23 години, одлучив остатокот од времето да го поминувам креативно со шминкање кое ми дава многу повеќе сила понатака да се справам со домашните обврски и да се посветам со љубов максимално на моите деца. Ништо не би било доволно и целосно, доколку ја немав вистинската подршка од мојот сопруг и мојата фамилија, бидејќи само така се постигнува вистинскиот успех во она што го сакаме и го работиме со задоволство.“

Од кога се занимаваш со шминкање?

„Се сеќавам, уште како дете бев вљубена во разновитоста на боите, во цртањето, во се’ она што ја претставува уметноста. Моите дланки ја имаат таа умешност да бидат креативни да цртаат на платно, едноставно, сите сме родени со некоја дарба. Но шминкањето, тоа е мојата прва љубов, мојата пасија… тоа за мене е вистинска уметност. Да насликаш убавина на нечие лице и за возврат да добиеш задоволство од другата страна, е тоа е вистинско чувство кое не може да се опише со зборови, може само да се доживее. Велат дека уметноста е наследна, и навистина е така, јас ја наследив од мојата мајка, а мојата 12-годишна ќеркичка уште отсега може да ми парира. Шминкањето е мое хоби, катче каде што се чувствувам вистински своја. Бидејќи уметноста нема почеток, ниту крај… “

Позната си по тоа што користиш бројни светски бреднови при шминкањето. Можеш ли да ми кажеш за кои марки станува збор?

„Не е доволна само моќта на дланките, туку и квалитетот на производите со кои се шминкате. Во мојот салон за убавина ќе бидете нашминкани со дел од најреномираните брендови кои се движат со репутација за иновации, софистицираност и супериорен квалитет на ниво на престиж на ултра премиум луксуз: M.A.C.-Urban Decay – Estée Lauder – Bobbie Brown – Make Up For Ever – Sephora – Lancôme. Anastasia Beverly Hills, Kiko Milano, Тhe Balm Cosmetics, Tarte Cosmetics, Too Faced и многу други брендови кои се синоним во целиот свет каде шминката претставува уметност, со кои шминкаат талентирани уметници со стил, чии дела ги красат страниците на сите водечки списанија и со кои се достигнува врвот во козметичката уметност. Одбрав да работам со висококвалитетни фирми бидејќи сметам дека секоја жена го заслужува најдоброто.“

Палетата шминки на Маја Миа – Мај Миа

Живеш и работиш во Охрид, па ме интересира, од каде ја црпиш инспирацијата? Дали можеби тоа е твојот роден град?

„Убавината си бара убавина. Охрид е инспирација за сите уметници во светот, така и за мене како мејкап артист е од голема важност што живеам во толку многу инспиративна средина која секако има влијае врз начинот на мојата работа.“

Кој ти досега бил најлесен, а кој најтежок за работа од познативе личности? 

„Во моето студио биле од Наташа Беквалац, Теа Таировиќ, Александра Матрих, Јелена Бачиќ Алипчич, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Антониа Гиговска, Лина Пејоска, Андријана Петрушовска, Барабара Поповиќ, Наташа Малинкова, Мариа од „Eye Cue“, Сара Гигова, Елена Велеска, Сузана Гавазова, Соња Трчуловска, Мелани Трчуловска, Влатко Лозаноски, Ристе Ристески, Ѓоко Танески и многу други. Не сум имала проблем со никого, напротив, тие се многу природни и доста се флексибилни за соработка.“

Неодамна доби награда, колку ти значат овие признанија?

„Токму така, на четвртиот „U&Z Influencer Awards“, којшто се одржа на 12 декември во „Ederra Rooftop“, во организација на специјализираниот магазин за жени „Убавина и здравје“ ја имав таа чест да добијам награда за „Makeup influencer Award“ за 2022 година. Ова награда ми претставува голема чест и поттик за понатамошен успех и исто така нејзе ја посветив на мојата сограѓанка Маја Миа, која прерано замина од овој свет, а ми беше голема поддршка во моите почетоци. Се надевам дека е на подобро место.“

Ти се појави во голем број светски медиуми. Како дојде до тоа?

„Ја имав таа привилегија за мене да пишуваат светски реномирани медиумски куќи како што се: Daily Mail, Cosmopolitan, Bild.de, Glamour Paris, Elle, Us Magazine, PoiseAndPurpose, SimpleMost, Allure, Self, PopSugar, а моите видеа беа прикажани и на неколку телевизии, меѓу кои и турската Tv8. Моите мејкап трансформации денес се сензација на социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, а дел од нив станаа вирални.“

Неодамна доби верификација на твојот Инстаграм профил колку ти значи тоа?

„Кога ќе ве препознае најголемата заедница на светот, со повеќе од 3 милијарди активни корисници месечно, тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат кон исполнување на својата животна мисија. @makeupmeri е единствен официјално Verified страница на Instagram 👇🏻 од Македонија.“

Кои се твоите планови во иднина?

„Во однос на моите идни планови, можам да кажам дека ќе продолжам да се подобрувам и да овозможувам услуги на што е можно повисоко ниво. Ќе се залагам да ги задоволам стандардите на најдобрите шминкери во светски рамки. Мојот досегашен успех е резултат на стручност, иновации, искреност кон своите кленти, самокритичност и стабилна платформа за понатамошен развој. Ќе продолжам во досегашен дух со постојано воведување на иновации во полето на шминката, надоградувајќи ги своите познавања. Верувам дека како бренд сме предодредени за успех, но секогаш сме и самокритични.“

Каква порака сакаш да испратиш за читателите по повод Нова година?

„Да уживаат во животот со полни гради! Нека биде ова година на исполнување на желби! Година на добро здравје, многу незаборавни моменти исполнети со љубов, радост и спокој!“

Фото: Приватна архива

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.