Синоќа во скопскиот локал „Бир гарден“ во Дебар маало, под медиумско покровителство на „Слободен печат“ и радио „Бубамара“ се одржа промоцијата на долгоочекуваниот албум „Првите триесет“ на Игор Џамбазов и Гуру Харе. Познатото дуо, кое прослави 30-годишнина од своето постоење, ги собра на едно место сите познати фаци со кои се дружат сиве овие години. Почнувајќи од Весна Бејби Петрушевска и Вики Дамевска, Тони Михајловски и неговата сопруга, продуцентот Мите Димовски и неговата сопруга Тања Тас, Лила Филиповска, Пере и останатите членови на Нокаут, Милан Калиниќ и многу други познати личности од естрадата.

„Добредојдовте на промоцијата на „Првите 30“, на 4-ти јули, денот на борецот, а ние сме познати како едниствени борци во Македонија против кичот, шундот, турбофолкот и плејбекот. Добредојдовте истомиленици!“, ги поздрави гостите Џамбазов.

Покрај ова, Игор имаше уште една голема причина за славење: Вчера излезе 20-то издание на култната книга „Гол човек“, каде тој буквално се слече духовно до гола кожа, искажувајќи ја својата приказна, како и секогаш, брутално искрено.

Промоцијата се одржа онаква каква што и првично беше замислена, со дружба, свирки и потпишувања. Лесна и опуштена атмосфера. Пред и по настапот на Игор, гостите уживаа во музиката за која се погрижи познатиот ди-џеј Зоки Бејбе.

Пред промоцијата, Игор во интервју за „Слободен печат“ рече дека идејата за албумот се случила спонтано, откако лани после настапот на „Пивофест“, воедно прослава на роденденот на Игор, со Харе си чеситатале за успешната свирка, се гушнале, а Харе му рекол да прават албум и толку. По што му се јавиле на Мите Димовски и за помалку од една година го направиле албумот.

„Ние после овој албум го сметаме Мите како член на бендот, не само заради тоа што беше музички продуцент на албумот, туку тој толку многу се заложи за него, како да се негови песните, тоа е денес многу ретко“, рече Џамбазов за „Слободен печат“.

Што се однесува до изборот на песните, Игор и Харе ги избрале заедно со Мите. Како што вели Харе, воопшто не било лесно. На почетокот имале околу 50 песни, а потоа, од тие 50, полека полека врешеле селекција.

„Сакавме слушателот да има целосна приказна кога ќе го пушти цедето, наредено е како една приказна за сѐ она што сме го сработиле“, рече Харе.

За цедето рекоа дека е шарено, сакале да се види и чуе дека тие не биле само блузери, бидејќи блузерот не е професија, туку е убедување.

„Има од сѐ по нешто, има и песни кои Харе си ги правел самостојно за негови проекти, некои мои песни кога јас кокетирав со џезот, како „Жаклина“ или „Love is so good“. Има два-три блуза, неколку преработки и она што е најголемата придобивка за мене од овој албум е тоа што некои многу стари песни кои не беа студиски обработени, ги пресвиревме после 15-20 години. „Да си жив и здрав“, „Диши длабоко“, „Право дома“, се снимани од ново, со сосема друга енергија“, рече Игор.

Харе во интервјуто за „Слободен печат“ го дополни Игор, велејќи дека при селекцијата, сакале да стават песни кои публиката ги пеела со нив веќе со години, меѓутоа, по некое чудо, не постоела студиска снимка од тие песни.

„Ние сме ги правеле песните, директно сме ги свиреле на концерт и никогаш не сме стигнале студиски да ги снимиме. Сите 17 песни на албумот досега немале студиска снимка, освен оние што веќе сме ги издале како синглови и не се нашле ниту на мој, ниту на албум на Игор“, рече Харе.

Фото: „Слободен печат” – Драган Митрески

Во знак на благодарност за соработката со бројни наши истакнати музичари, кои дале особен придонесза градењето на блуз културата во Македонија, тие вечерта им дадоа и пофалници.

„Правевме список со Харе со колку луѓе сме соработувале овие 30 години и не можевме да ги доброиме луѓето што барем на една песна свиреле со нас. Стигнавме до 30 луѓе на кои моравме да им доделиме пофалници за особен придонес кон македонскиот блуз. Тврдам дека направивме музичка „капсула“, што вели Харе, која ќе остане и некаде, некој ќе ја чуе и ќе рече: „Види ги овие момци пред 200 години што правеле“, рече Игор претходно во интервјто за „Слободен печат“.

Насловна фотографија: „Слободен печат” – Драган Митрески

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.