„Сите ние сме ученици на занаетот во кој никој не станал учител.” – Ернест Хемингвеј

Иако со бледи слики како низ магла, но се сеќавам на мојот прв сон. А во него… трите „наречници”, облечени која од која во поубав фустан, ја „предодредија” „судбината” на мојата животна патека. Уффф, кооолку само бев збунета…

А и како да не бидам… кога сите три ми изнакажаа толку различни теории како да ќе живеам три животи.

Првата рече дека патеката на животот ќе ми биде предодредена од гените на моите предци, дека долги години па дури и векови сум патувала низ нив дури да прераснам во ваква форма во облик на човечко телесно битие, па мора и така да си продолжам по главната патека на нативизмот.

Втората културно ја слуша а уште покултурно и се смешка, еве ја дојде и таа на ред па гласно вели: Јас гласам за улогата на емпиризмот како водилка низ животот и обликувањето на оваа единка во личност.

А третата кога доби збор да го каже својот став само ми намигна и толку вешто започна да танцува…

Скоро и ништо да не разбрав за што зборуваа, иако третата некако најмногу ми се допадна, или, сепак… во танцовата активност која ја манифестираше беше толку брзоплета, па одеднаш зрачеше со вештина во движењата, а јас тогаш во улога на набљудувач најслободно можев да го движам само погледот. Оххххх, баш таква збунетост чувствувам и сега…

Ама ајде да одам хронолошки во раскажувањето на мојата (твојата) животна сторија…

Иако сите со различни предвидувања сепак “наречниците” обединети во изборот на подарок. Ми подарија албум наречен ЖИВОТ. Чкрап… клик, клик, чкрап… еве готова е и поставена и првата фотографија во него. И текст под неа испишан стои: „лична на мама“ (а јас целата во гурли); „принцеза на баба“ (а јас од глава до пети во волнена облека, со кратка коса, зар принцезите не се во свилени фустани и со долга коса, а и баба баш принцеза била цел живот на село носејќи вода од бунар…); „храбра на тато со темен тен“ (а јас со наведната глава и млитаво тело, ама добро Гоце Делчев бил темномурест можеби од таму, од тенот доаѓа и храброста); „кукла со гумени обравчиња на дада“ (а јас сакав да сум маче со меко крзно, да ме гали, не да ме штипи); „костенливи очи на дедо“ (а јас од слика јасно не можев да ја увидам бојата на очите на покојниот дедо); „мирна, тивка на другата покојна баба“ ( а јас од слика не можев да слушнам како зборува и како се однесува); „вредна на другиот дедо“ (а јас врзана во каишки поради изместена карлица, целата неподвижна, можеби сум била “вредна во липањето”) „бумбарче во очите на соседите, роднините“… кога „зуи” а тие не можат да спијат, на раат да си разговараат…

Така од првата слика ги разбрав зборовите на првата наречница – дека иако личам можеби на некои пра, пра ликови од семејното дрво сепак „морам” истовремено да ги прифатам и да се однесувам според уверувањата на моите “ближни драги” кои секако ми го посакуваат најдоброто или понекогаш само си ги проживувале своите несвесни комплекси…

Опаа… втора слика: училиште, а јас, петка до петка… затоа што за наставниците (секако не сите) секој кој се дружи со книга, сигурно во животот ќе биде постојано во прва лига.
А играта со другари не се купува со пари, или, сепак парите одредуваат и другарството го поткупуваат…

Полека двете слики се спојуваат, но… Западнав во мисловна тишина, ахаа… па и не била баш лоша оваа збунетост, некако како да ме освестува за постоењето, но и за живеењето.

Ниче рекол: „Најтивките зборови носат бура, а мислите кои доаѓаат тивко на прсти, управуваат со светот.”

Насмевка… клик… ахааа… АКТИВНОСТА! АХАА… започнувам со животниот танц…

Се’ она што некој друг како судбина го диктира, мојата самосвесност почнува полека да го ресетира. Животната реалност е разликата од она што се случило и она што јас ќе прифатам да остане во моето сеќавање. А туѓите мислења и верувања па и не се погрешни, едноставно само не се во согласност со моето животно искуство. Сепак…

„Животот не е проблем којшто треба да се реши, туку реалност која треба да се доживее” – Серен Кјеркегор
„На крајот, не се годините кои се бројат во животот, туку животот поминат низ годините”. Абрахам Линколн
„Живеј како да ќе умреш утре. Учи како да ќе живееш вечно.” – Махатма Ганди

А јас научив:

Животот е прилика – искуси ја.
Животот е убавина – воодушевувај ѝ се.
Животот е сон – оствари го.
Животот е предизвик – соочи се со него.
Животот е задача – изврши ја.
Животот е игра – играј ја.
Животот е драгоцен – негувај го.
Животот е богатство – чувај го.
Животот е љубов – уживај во неа.
Животот е тајна – одгатни ја.
Животот е ветување – исполни го.
Животот е тага – преброди ја.
Животот е химна – пеј ја.
Животот е борба – прифати ја.
Животот е трагедија – спротивстави ѝ се.
Животот е авантура – биди смел.
Животот е среќа – заслужи ја.
Животот е живот – брани го – Мајка Тереза

Автор: Рената Максимова

фотографии: unsplash.com