Фотографите на Аница Бебиќ и Тома Димовски, посветени на целосното постоење на жената, во која се истакнува значењето на секој дел од нејзиното тело и неговата улога во општеството, ќе бидат претставени преку изложбата „Rib or all parts matter of fact“. Со неа тие се надеваат дека ќе ги поттикнат посетителите да размислуваат за разновидноста на женското тело, како и за значењето на секој аспект од нејзиното постоење. Бебиќ и Димовски преку уметнички изрази ги прикажуваат жените како целосни, моќни и важни делови на општеството.
Според авторите овој настан е релевантен за публиката бидејќи обедува теми како рамнотежата меѓу различните улоги на современата жена, историскиот контекст на нејзината улога во општеството, како и значењето на индивидуалната идентичност и самосвеста.
„Rib or all parts matter of fact“ е изложба направена со цел да се покаже дека секој дел од телото на жената е битен. Секоја точка, агол, кривина и со тоа е целина. Генерализирање на само еден дел од неа е многу чест, но со тоа жената треба да покаже мистерија, дека е силна и дека се кај неа е битно“, велат авторите.
„Модерните слики се како жена, никогаш нема да уживате во нив ако се обидувате да ги разберете“, додаваат тие, порачувајќи им на посетителите да не се обидуваат да ја разберат изложбата, туку едноставно да уживеат во неа.
Изложбата ќе биде поставена на две локации, со две отварања. Првата локација е КСП Центар Јадро@centarjadro , во Скопје на 02.04 (вторник), а наредниот ден на 03.04 (среда) со уште едно отварање ќе биде поставена во ОРО – Радио Галерија и Бар@oro.radio , каде што публиката ќе може да ја погледне и во наредните два дена (04 и 05 април, 2024).
На неа ќе учествуваат Ана Денковска и Филип Трајаноски. За музиката ќе се погрижи Оливер Јосифовски, а за звукот Нора Стојановиќ и Пеџа Радојевиќ.