Насловната реченица ја прочитав пред неколку години, во коментар на Јутјуб песна. И не можев, а да не се сложам повеќе со тоа. 10 септември е Светски ден за превенција од самoyбиство. Многупати читам осуди врз личноста која си го одзела животот или нејзиното семејство, особено кога животот на некоја позната личност ќе заврши така трагично. Луѓе сме, си даваме за право да кажаме. Но колку навистина мислиме на нивната болка? Се коментира и за наши и за странци. Се коментира без да се помисли дека некој нивен близок би можел да прочита некој од коментарите, или барем да се пронајде во нив.

Како личност која директно изгубила близок од ваков чин, чувствувам потреба да бидам уште погласна на оваа тема. Бидејќи лично осетив колку е болно, колку таа болка се уште трае. И колку е важно да се зборува за нејзината превенција.

Самоубиството никогаш ама баш никогаш не било решение! Никогаш нема да го оправдам тој чин иако со него се соочив дури неколку пати во животот. И тоа беа луѓе коишто лично ги знам и познавам, а една од тие личности ми значеше повеќе од се… за жал. Нивната болка која завршила кај нив, се пренела на другите. Ништо не завршува. Плеќите отежнуваат. Најблиските се обвинуваат и гризат усни од бес што не увиделе што се случува. Можеби гледале симптоми, но не ги сфаќале сериозно. Можеби не сакале да си признаат дека нешто се случува со саканата личност.

Некогаш и јас ги обвинував најблиските, веројатно бидејќи и самата се обвинував себе. Бев огорчена и лута кон себе. Како и самите стази на жалење: негирање, бес, преговарање, депресија и прифаќање. Од сите фази, мислам дека бесот остана долго време. Но не кон неа, туку кон мене. И веројатно не сум единствена.

Велат дека времето лечи се, не, не лечи… само не учи да се научиме да живееме со болката и без саканата особа. Не учи да се соочиме со загубата и да ја прифатиме. За обвинувањата не верувам дека некогаш ќе прекинат, секогаш се живее со паролата „што ако“, а од друга страна, дури и да го вратиш времето назад, не знаеш што точно можеш да смениш. Од депресивните луѓе нема понасмеани лица. И до ден-денес го памтам нејзиното слатко кикотење и блесавост. Да, личноста која си замина беше многу палава. Имаше пријатели од целиот свет. Копнееше да го прошета светот и да им пренесе тоа на останатите преку фотографиите.

После секоја загуба на некоја личност, се сеќавам на последниот свеж спомен со неа. Последниот муабет, последниот збор. И скоро секогаш доаѓам до заклучок дека сме си останале недокажани, дека сум оставила на „попосле“ или „утре-задутре, од понеделник, после празниците“. А многупати животот не знае за „после“. И можеби треба еднаш за секогаш да престанеме со одложување. И кога личноста не бара, треба да одговориме на повикот. Можеби тоа е раката за спас која ја бара. Можеби токму ние сме оние кои им сме најпотребни.

Затоа денов не го поминувајте во осуда спрема некој кој се соочува со некоја ментална состојба. Не осудувајте ако некој страда од депресија бидејќи не знаете што точно довело до неа. Ве молам… осудувајте неправда, педофилија, убиства, иззживување и малтретирање, лечење комплекси и фрустрации, омраза без причина, осудувајте било каков вид на насилство…. само не нечија болка.

Ним им е доволна и таа што ја имаат, не им треба дополнителен терет.

Нека почиваат во мир сите души кои си заминаа пребрзо од овој свет. Ќе бидат вечно запомнети со својата насмевка и подарена љубов.

photos: Unsplash.com

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.