Кога ќе се спомне анксиозноста, најчесто во истиот момент нè полазуваат морници и добиваме некое грозно чувство. Затоа што да, се согласувам, анксиозноста е прилично грозна работа и потребно е да се третира на вистинскиот начин. Најпрво да се дијагностицира кај стручно лице (психолог), а потоа да се изнајде решение.

Мене ми беше дијагностицирана од мојот партнер, мојот личен и единствен психолог. Откако заеднички го најдовме коренот на мојот долгогодишен проблем, односно од каде потикнува и што го предизвикува, се насочив кон прифаќање на мојата состојба, но и согледување на позитивните страни кои потекнуваат од неа.

Минатата година, напишав неколку позитивни страни на анксиозноста, па овој пат продолжуваме со вториот дел.

1. Ја буди нашата креативност

Писателот најчесто пишува кога е тажен, немоќен, разочаран, гневен, но и анксиозен. Па одлучува да ѝ раскаже на хартијата сè, има некоја посебна потреба да се изјасни и да исфрли сè што му лежи на срце. Не случајно бројни писатели пишуваат книги поврзани со овие теми поврзани со менталното здравје.

Покрај писателите, овде се и сликарите, музичарите, актерите, фотографите. Односно сите уметници, без разлика на нивната специјалност. Анксиозноста бара издувен вентил, а уметноста е вистински пример за тоа.

2. Нè тера да спортуваме

Или ќе бидете пасивни и мрзеливи или ќе бидете хиперактивни. Анксиозноста е насобран стрес кој бара да биде сузбиен. Често пати за да заборавам на маките, одам на пешачење или вежбам, или пуштам музика и танцувам. Барем во наредните половина час да бидам порелаксирана и поспокојна, па потоа да се заморувам со воспалението во мусклите, наместо во мозокот.

3. Работите ги гледаме од поинаков агол

Кога и да се соочиме со некој проблем, кој вклучува друга личност, ние пробуваме да се ставиме во нивните чевли. Пробуваме да го разбереме и ќе сториме сè што можеме за да му помогнеме. Ги ставаме другите пред себе. Гледаме најпрво да ги решиме туѓите проблеми, а потоа ако имаме време и своите.

Додека егоистите се заслепени од своето его кое е преголемо за нивните плеќи, ние широко ги отвораме очите и ги согледуваме сите страни. Повеќе не сме само ние во сликата, тука се и останатите. Ја бараме правдата по цена да изгубиме.

Како ова ни помага? Едноставно. Ни нуди спокој и мирен сон. А тоа е најважно за човечкото здравје, нели? Само што процесот е долг и исцрпувачки, но нема ништо послатко од доброзавршената работа и човечката насмевка.

4. Знаеме да сакаме и цениме, да се радуваме на најмалите нешта

Среќата секогаш ни се вртка пред очи, а ние понекогаш не сме ни свесни. Анксиозноста ни го поматува умот и неретко сме изолирани од реалноста, имаме ирационални стравови и досадни панични напади.

Луѓето што не прифаќаат како такви, нам ни се сè. Знаеме да ги сакаме и почитуваме. Знаеме да ги цените миговите без анксиозност и панични напади. Знаеме да се израдуваме на омилената серија, свежо купен сладолед или вкусно чоколадо. И затоа и во најтешките мигови кога водиме војни сами со себе, изгледаме како да сме најсреќните луѓе на светот.

И сме. Затоа што знаеме да ја препознаеме среќата, дури и во најмалиот облик.

Животот е премногу краток за да го поминеме во солзи, гнев и разочарување, најчесто предизвикано од внатрешниот глас кој нè тера постојано одново и одново да се преспитуваме, да се анализираме. Одиме на неверојатни тешки и мачни патувања низ потсвеста, пловиме во своите и туѓите мината, бараме грешки, бараме одговори, несвесни дека тие нè кочат да продолжиме понатаму во сегашноста и иднината.

Но затоа изнаоѓаме начин да ја прифатиме реалноста, но и нашата состојба со неа. И затоа се радуваме. Му се радуваме на животот, на семејството, на родните, на пријателите.

Слободно оставете ги своите предлози во мојата контакт-форма.

Photos: Pixaby

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.