Цел живот се научив да молчам. Молчи за да не се расправаш. Молчи да не се замериш. Молчи да не се оттуѓиш. Молчи затоа што може да биде полошо. Молчи, тие се попаметни. Молчи.
Во една прилика реков оти молчењето е најголемата доблест која можеп да ја посакаш. И сè уште потајно верувам во неа. Но, не за неправдите. Туку за дипломатијата.
Во некои денови ми доаѓа да отерам сè кај што не треба, да вриштам и хистеризирам. А од друга страна, не сакам да станам како нив. Како оние кои ми ја коваат душата со најтешките клинци.
И колку да имаш мека душа, ќе стврдне. Не од самата смеса, туку од тежината на насобраните колци. И веќе не можеш да се соземеш. Пукаш по шавови. Те боцкаат и старите и новите. Новите, да не зборуваме. Тие се капак на сè. Тие те потсеќаат дека можеби да си интервенирал за старите, нема ни овие да постоеле. Како да те подбуцнуваат и ти прават карамбол во мислите.
И веќе не можеш. Уште колку ќе издржиш. Уште колку ќе треба да се соземеш?
Што е најтрагично сите неискажани зборови кон неправдата ти се во главата, па после си патиш од неа. Главоболки, стрес, напади… па тие си земаат замав и се префлраат на друго. Ехее… убавина! Оди после лечи се со разни лекарства. И секаде одговорот е ист – на нервна база оболен желудникот, мигрена од стрес, хормонални пореметувања…
И зошто? За да не се замериш. За да не бидеш погрешно сфатен. За да не го повредиш другиот кој ти гази по достоинство како чергиче пред влезна врата. За да си заминеш дома во солзи и да се расправаш со семејството. Да им се развикуваш за оладеното кафе, неизмиената чаша, неистресената пепељара, а тие да те гледаат бледо.
Па после ги гушкаш и им се извинуваш. Од стрес е велиш. А сиротите заслужуваат ли да бидат тампон зона? Сунѓер за твоите фрустрации? Не. И ти не сакаш да бидеш сунѓер, кој сака да биде изувен вентил?
Молчи, ама дипломатски. Молчи без да навредиш, ама бори се. Ако душата ти вене, навреме спречи, да не ти се запушти.
Нема оние кои денес те повредуваат да те лечат. Нема тие да те смируваат со семејството. Нема тие да ти плаќаат лекување на оболениот желдуник. Нема.
Нема тие да ти ги бакнат рацете оти те натерале да им ги бакнуваш нозете. Нема.
Појди си по патот, насмевни се. Освежи си ја душата. Бори се. Кажи што ти лежи на душа. Исфрли ги токсините, не се затворај, само за излезеш обесправен од пеколот. Немој.
Не вреди. Ти вредиш многу повеќе…
pictures: unsplash.com
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.