Најпрво морам да предупредам дека не сум стручно лице, односно психолог или психијатар, но сум паталец. Досега се имам сретнато со бројни панични напади кои варираат од лесни до прилично тешки. Местата каде што сум се затекнала се бројни. На улица, во улилиште, на работа, на факултет, во автобус, па дури и дома.

Во прво време, пред да дознаам за што поточно се работи, мојата вознемиреност и паника ја препишував на бројни причинители. Кога бев на училиште или на факултет, го препишував тоа на моето „незнаење“ или немањето дооволно самодоверба.

Или пак, од насобраниот стрес кој ме погодил последните денови или недели, па таман кога сум се опуштила, и нервите решиле да попуштат. Или пак, на можната анмемија или ненајаденоста. Причините беа бројни, но анксиозноста која дотогаш ја немаше како поим во мојот речник, ја немаше (барем според мене).

Откако дознав за анксиозноста, сфатив со каков ѓавол се борам. Па, полесно ги пребродував и самите панични напади.

Според мене, паничниот напад се доживува кога телото повеќе не може да го апсорбира насобраниот стрес и благоречено екслподира. Се јавува одеднаш, без никакви индикации или најави. Најтешките панични напади најчесто се поврзани со болка во градите, односно тежина налик на мермерна плоча која ги стиска белите дробови.

Не можете да дишите, колку и да се обидувате да земете здив. Болката е груба, се чувствувате како белите дробови да ви се дехидрирани. Ве стегаат и прво нешто на кое помислувате е дека имате инфаркт. Оваа болка може да трае и до неколку часа. А многу луѓе, меѓу кои и јас одат во ургентен центар или бараат брза помош. Следниот ден тече се’ најнормално.

Според дефиницијата на Википедија, паничниот напад претставува ненадејната загуба на контрола над емоциите и чувство за заситена анксиозност, придружено од некои психосоматски и когнитивни симптоми. Може да се должи на психолошки причини (трајни нарушувања или привремени состојби на нестабилност), како и на биолошки (посттрауматски состојби, наследноста, употреба на одредени лекови).

Може да трае од неколку минути до неколку часа. Вообичаено започнува нагло и можно е да достигне свој врв во рамките на 10 до 20 минути. Често кога една ситуација се асоцира со паничен напад, повторувањето нејзино автоматски доведува до нов таков. Манифестација на паничен напад варира. За ова некои луѓе, најчесто оние кои за првпат го доживува, бараат брза помош во такви случаи. Често тие се плашат дека може да добиле инфаркт или нервен слом.

Чести психички состојби асоцирани со паничен напад, се страв од неизбежна смрт или загуба на здрав разум. Според зборовите на пациенти паничен напад е едно од најпознатите застрашувачки, вознемирувачки и некомфорни искуства во човечкиот живот, првичното негово искусување може да потрае неколку денови. Повторливи напади на паника се сметаат за симптом за панично растројство.

Повторно се враќам на мојот случај, мене ми се има јавено и при посттрауматска состојба, односно како флешбек од некоја непријатна случка. Последен таков напад добив пред месец дена кога бевме на планинско место.

Порано не се плашев од височини и планини, но сега имам огромен страв како последица од „оставање сама во планина“ пред многу години. Кога оној што е со мене, ќе се одалечи од мене, кај мене се појавува тој напад на паника.

Иако целиот пат е поврзан со стрес, дезиорентираност, паника, вознемиреност, во моментот кога личноста која е дојдена со мене се одалечува, јас екплодирам. Почнувам да губам здив, солзите сами почнуваат да течат и се обидувам да внесам барем малку кислород.Викам за помош. Барам клупа да седнам за да не се онесвестам, бидејќи тоа веќе ми се има случено, досега околу 10 пати. Потоа пијам вода и се обидувам да се соземам.

Како што вели и самата дефиниција, наликува на нервен слом или губење на здравиот разум. За жал и тоа го имам почувствувано, односно кога буквално мислите дека ќе излудите и немате веќе простор да го акумилурате, ниту во мозочите келии, оној сиот стрес кој ви се собира со месеци.

Според моето лично искуство, за да се дојде до ваков сериозен паничен напад, треба месеци да поминат пред да се случи тоа. Додека, кај поситните панични напади може истиот ден.

Губењето на здравиот разум може да резултира со фрлање на предмети околу себе, издерување, атипичен начин на однесување, огромна вознемиреност и хистерија. Во глобала, сметам дека ваквиот паничен напад е доста редок и се доживува можеби еднаш или два пати во текот на целиот живот.

Што да направите при паничен напад?

Како што и претходно напишав, паничните напади доаѓаат изненадно. Не можете да ги предвидите и не можете да ги превентирате. Во моментот кога ќе доживеете паничен напад, колку и да звучи клише, сепак обидете се да не паничите! Звучи невозможно, но тоа е најдоброто решение.

Седнете на најблиската клупа да се соземете, доколку сте сами побарајте ја личноста која најмногу ја сакате (мајка, татко, брат, дечко/сопруг, другар/ка). Разговарајте со нив преку телефон додека да ви дојде подобро.

Кога малку ќе се соземете, отидете во најблиската продавница и земете си вода и нешто благо да ви го качи шеќерот, чоколадо е супер опција. А и кока-колата не е лоша. Мене овие три работи најдобро ми помагаат. Кафе не би ви препорачала бидејќи ќе ви го крене адреналинот што може да предизвика и негативни ефекти како тресење на рацете, тахикардија и сл.

Откако ќе се напиете или изедете нешто, обидете се да станете полека. Одете со мирни чекори, не мислете веќе на нападот.

Во една емисија слушнав дека потребни се 17 секунди негативната мисла да си замине од вашата глава. Така што доколку дојдат нови мисли поврзани околу нападот или стресот кој го предизвикал, сечете ги мислите истиот момент. Обидете се да уживате во моментот.

Доколку сте на училиште, работа или факултет, отидете во тоалетот и замијте се. Постапката со седењето и пиењето вода и овде направете ја.

Доколку сте во автобус, пробајте да се смирите. Ако не можете да издржите, најдобро е да се симнете или да повикате некој да ве собере. Доколку стоите, обавезно седнете.

Мене ми се случи паничен напад во автобус пред речиси 10 години. Тогаш исто не бев свесна. Но бидејќи состојбата ми беше нагло влошена, ми се вртеше и одеднаш ликовите пред мене се заматија, речиси да не ги гледа, побарав помош од една жена. Таа ми помогна да се симнам на соодветната станица.

Кратки совети

  • Бројте до 10 кога ќе се обидувате да се смирите
  • Повторувајте си во себе дека сте силна личност и дека и ова ќе помине
  • Доколку имате ливче покрај вас, шкртајте нешто
  • Напишете некоја мисла
  • Не палете цигара и не пијте кафе, како ни енергетски пијалаци
  • Обидете се да останете сталожени без да паничите уште повеќе
  • Нека телефонот ви биде секогаш на дофат и со полна батерија
  • Носете плус парички за секој случај
  • Доколку сте во можност, секогаш имате крај себе шише со вода
  • Носете бомбони, мастики или некое благо во чантата
  • Не се срамете од себе, секому може ова да му се случи
  • Не се срамете да повикате помош доколу сметате дека не можете сами
  • Седнувајте
  • Пуштете си ја омилената песна да ве смири и потпевнувајте
  • Не се грижете, ќе помине без разлика колку и да трае
  • За паничен напад поврзан со болка во градите, јас пијам сода бикарбона и ми помага. Често тоа се случува од пренајаденост и дијафрагмата се качува горе.

За се’ што сметате дека не можете сами, доколку трае долго време или пак се повторуваат паничните напади постојано, најдобро е да отидете кај стручно лице (пихолог/психијатар). Тој ќе ве сослуша и ќе ве разбере. Да се оди на лекар, не е срамота.

Срамота е да не се грижиме за менталната хигиена, која е важна исто колку и физичката хигиена. Односно внатрешната чистота е важна иста колку и надворешната. Исфрлете ги непотребните токсини, бакерии од мозочните келии. Исфрлете го стресот. Научете што е тоа, и зошто се појавува. Студирајте се самите себе.

Други симптоми на паничен напад

Еве кои јас сум ги доживеала, а и многу други кои за среќа не сум:

  • потење
  • стегање во градите
  • дезиорентираност
  • липтање без престан
  • гушење
  • недостаток на воздух
  • селективна немост
  • вознемиреност
  • тресење на рацете
  • тресење на нозете и колениците
  • тахикардија
  • чувство на студенило
  • ладна пот
  • чувство на топлина
  • вртоглавица
  • несвестица, колабирање
  • трнење на рацете и нозете
  • чувство на мачнина и лошење
  • нагон за повраќање и повраќање
  • болка во желудникот (потсеќа на пеперутки во стомакот)
  • грчеви во стомакот
  • поматување на видот
  • делузии и деперсонализација
  • покачен крвен притисок
  • артмија
  • несигурност
  • губење рамнотежа
  • низок кревен присток во мојот случај
  • намален плус во мојот случај итн.

photos: Pixabay

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.