Понекогаш, несвесни колку можеме да повредиме некого, поставуваме прашања или даваме лично видување кое нема апсолутно никаква смисла. За денеска одбрав девет работи кои не смеете никако да му ги кажете на некој што страда од анксиозност. Кои верувам дека ќе ви бидат од корист и дека многумина ќе се пронајдат во нив.

1. Што ти стана оддеднаш, до прееска ништо не ти беше.

Анксиозноста напаѓа одеднаш и неприметливо, без никаква најава. Не секогаш треба да има некој посебен тригер.

Наместо ова подобро е да прашате: „Како си? Како можам да ти помогнам? Што се случи?“ со пријатен тон во гласот, иако повеќе ќе им значи прегратка отколку прашања на кои веројатно не ни можат да ви одговорат во тој момент.

При анксиозен или паничен напад, најдобро е да останете смирени и да изнајдете начин како да ѝ помогнете на личноста. Доколку има клупа во близина, појдете до неа и седнете. Купете ѝ вода или нешто благо. Бидете присебни и останете крај неа.

2. Немој да ми глумиш, ништо не ти е.

Многу е глупаво да обвинувате некого дека глуми или измислува. Како што кажав и погоре, паничните и анксиозните напади се појавуваат одеднаш без никаква претходна најава или сигнали кои би можеле да сигнализираат дека нешто не е во ред.

Подобро молчете, отколку да напаѓате.

И вие можете да доживеете паничен напад, а да не сте ни свесни за тоа. Тие не бираат ни по пол, вера, раса, националност, возраст итн. Напаѓаат сѐ и сешто, било кога и било каде. Бидете барем за нијанса поемпатични и понудете се за помош.

3. Е зошто ти имаш анксиозност, а јас не?

Повеќето луѓе не се ни свесни дека имаат анксиозност затоа што не се запознаени со оваа состојба. Јас верувам дека повеќето луѓе што ги знаеме страдаат од неа, но не знаат за тоа. Првенствено затоа што таа е повеќе како чувство кое нѐ кочи во одредени ситуации и прави да се чувствуваме вознемирено, нервозно, загрижени итн.

Зошто таа се јавува во одредени ситуации и како дошло до неа, зборувам за хронична анксиозност (која е постојано присутна во животот на личноста), повеќето луѓе не ни знаат, бидејќи најчесто е вкоренета уште во најмладата доба, уште од најрана возраст.

Веројатно може да се утврди доколку личноста почне да копа сѐ подлабоко во своето минато и можеби на тој начин ќе го најде коренот на својата верна придружба.

4. Да бе да, баба ми да не имала анксиозност случајно…

Анксиозноста и депресијата се „болести“ на 21 век. Намерно ги потенцирам под наводници бидејќи се далеку од болести, туку се ништо друго освен состојби.

Е сега, верувам дека и двете постоеле уште од почетокот на човештвото. Можеби не под тоа име, повеќе ги карактеризирале како страв и тага, меланхолија и претерана загриженост, трема и вознемиреност.

Секако, порано луѓето немале време да се самоанализираат и да ги анализираат своите постапки, бидејќи биле зафатени со војни, разни болештии и грижа за домаќинството.

Но, тоа значи дека во тоа време луѓето биле и многу понеобразовани и понееманципирани. Не затоа што не сакале, туку затоа што немале услови за понатамошно школување. Денес интернетот ни е на дланка, имаме пристап до сите можни информации од сите области.

Така што е апсурдно да споредувате состојба која најверојатно ја имало уште од почетокот на човештвото со денешницата. А, и дали сте сигурни дека баба ви немала анксиозност?

5. Ох, да знаеш мене како ми е…. па не се жалам.

Секој својата мака си ја гледа, а на туѓата значење не придава. Секој својот терет на плешките си го носи. Како вие би се чувствувале кога би ве обвинеле дека вие не знаете што е тешкотија? Глупаво нели. Е па исто се чувствуваат и анксиозните. Не знаете низ каков пекол поминеле и низ каков пат чекорат за да ги осудите.

Никој ама буквално никој не знае како е во туѓите чевли. Најчесто анксизоните „се жалат“ само кога се плашат дека ќе експлодираат или кога доживуваат паничен напад. Така што, верувајте, ништо не знаете низ што овие луѓе минуваат.

6. Имав така една другарка, се излечи, супер е сега…

Добро, но хроничната(генерализираната) анксиозност не е исто што и акутната (епизодна) анксиозност. Некои луѓе ќе се справуваат со неа до крајот до животот. Може да ги мотивирате, но не да им создавате притосок дека мора да ја победат бидејќи тие веќе знаат примери.

Јас знам луѓе кои тврдат дека ја победиле анксиозноста, а сепак од друга страна се претерано загрижени или вознемирени. А знам и луѓе кои тврдат дека имаат анксиозност, а не покажуваат основни карактеристики како емпатија и анализа на дејствијата.

7. Биди позитивен, мисли позитивно и сѐ ќе се среди.

Тука спаѓам и јас. Упорно се трудам на „негативците“ да им ги отворам очите ама никако не оди. Затоа што грешам. Филозофијата на „мисли позитивно и биди позитивен“ е цел процес.

Не можете некој што се изгубил и западнал во средно-тешка депресија со две-три мотивации да очекувате дека ќе се крене на површината и повторно ќе се пронајдете себеси. Не можете така да гледате на работите, напротив, гледајте на тоа како на еден цел предмет на факултет, ако не и цел смер.

Процесот на трансформација понекогаш трае и со години, се зависи од упорноста и желбата на засегнатата личност. Најпрво таа треба да сака да се промени, за да ви остави простор некако позитивно да влијаете врз неа. А за тоа е ништо друго потребно освен време и трпение.

8. Не си тепан/а како мал/а, затоа вака се понашаш! 

Бидејќи со еден шамар се поместуваат сите чакри, а со вториот си доаѓаат на место, нели?

Насилството никогаш во ниту еден случај не се појавува како решение, туку е доволна причина да се појави анксиозноста. Насилството носи трауми, трауимите доведувуваат до аксионозност. Едноставно е.

Така што оваа брилијатна реплика, избришете ја засекогаш.

9. А да си ги смениш лековите?

Лично не примам никаква терапија и сум поборник против неа. Сметам дека не ми треба и дека одлично се снаоѓам без неа.

Освен ако не сте психијатар, горенаведеното прашање е тотално бесмислено.

Доколку се саркастични, ова не е ни малку смешно за луѓето кои страдаат од ансиозност. Туку баш напротив, дрско е и безобразно.

photo: Pixaby

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.