Денеска полнам 30 години, го отпочнувам четвртото поглавје од својот живот. И додека во 20-тите ги започнав со бубачки во глава, 30-тите веќе се попромислени (барем се надевам дека е така). Постарите генерации можеби ќе се потсмевнуваат на моиве досегашни лекции, но како и секој човек, така и јас учам и ќе учам. Па се надевам дека еден ден овие лекции ќе бидат моето секојдневие, па дури и ќе ги занемарам од што сум ги навикнала. Којзнае, ќе видиме…
Пред да ги отпочнам лекцииве кои уште доцна синоќа ги напишав, ќе кажам три благодарам:
- Што сум жива и здрава.
- Што семејството ми е живо и здраво.
- Последно, а толку важно, што ми го подари Емил.
Четвртата деценија ја започнувам токму со него и се надевам дека Господ ќе ни подари уште многу децении заедно. А и наздравувам за уште многу успешни жиовтни приказни. 🍾🥂
1. Кога саканите се прашање, промените сами си доаѓаат, без тоа од вас да го побараат.
2. „Само љубов луѓенца” персоните можат љубовно и префригано да ве заеб*ат.
3. Не мора да ме сакаш, доволно ми е да ме почитуваш. Тоа ми важи повеќе од било кое “те сакам”.
4. Каде многу ми ветуваат, мала торба понесувам.
5. Исто и со луѓето, кога беспотребно се расфрлаат со комплименти, секогаш половина од нив ги земам со резерва. Едноставно имуна сум на премногу фалење и величење, од луѓе кои подоцна ги снемува од мојот живот.
6. Ако некој сака да ме види, наоѓа начин. Ако не, слушам само изговори.
7. На луѓето кои им значам, не им е битно како изгледам, туку како се чувствувам.
8. Бројка на вкупно пријатели се брои на една рака.
9. Нема ништо побитно од семејството, апсолутно ништо и никој.
10. Кога ќе престанеш да се сожалуваш, тогаш ќе си дозволиш и да пораснеш.
11. Никому не му било лесно, не ти е ни тебе, но тоа не значи дека е време за било какво предавање.
12. Не знаеш колку си силен и моќен сѐ додека не се најдеш тет-а-тет со некоја ситуација. А Господ секогаш ни дава предизивици за кои знае дека можеме да ги надминеме и препродиме.
13. Продолжи по патот, но во стариот бунар не плукај.
14. Секој човек е благодет или лекција во твојот живот.
15. Ако некој те сака, ќе те прифати каков што си. И со твоите најдобри и со твоите најлоши страни. Во спротивно, џабе се трудиш.
16. Можеби не си најдобрата личност на светот и имаш свои мани, но се трудиш, и само душите како тебе ќе го препознат мирот во тебе.
17. Подалеку од драми и драматични луѓе.
18. Подалеку од луѓе кои те бараат само кога им требаш.
19. Верувај во своето внатрешно ЈАС и не дозволувај околината да те поколебе ни за час.
20. Сѐ ќе си дојде на свое, не брзај. Сѐ се случува со причина и Господ секогаш за чува нешто подобро за нас.
21. Универзумот ствара совршен баланс за нас. Еден пријател губиш, друг се појавува.
22. Немој да се лажеш, не читаш мисли. Разговарај со луѓето. Комуникацијата е најголемата доблест на луѓето во однос на останатиот животински свет.
23. Можеш и смееш да грешиш. Не можеш вечно да се окривуваш себеси.
24. Застани, одмори се. Еден ден телото сериозно ќе ти замери и ќе ти врати за сите гревови извршени врз него.
25. Дозволи си да бидеш тажна. Исплачи се за сите пари. Имаш и ти право да не си океј. И да сакаш да си сама со себе.
26. Ако некој исчезне од твојот живот, остави го нека си оди. Тоа значи дека никогаш не планирал ни да остане. Луѓето кои те сакаат и почитуваат лесно не се откажуваат.
27. Главата горе. Никој не толку чист да може тебе да те оцрни.
28. Молчењето е злато, но никој не се позлатил од молчењето пред неправдите. Сигурно ти нема да бидеш првата.
29. Ако нешто не оди, не оди. Остави го. Сигурно ќе најдеш нешто во кое ќе се пронајдеш, како што си го најде факултетот.
30. Водолија си. Ги имаш сите права на светот да бидеш чудна и несфатена, не заборавај, аман веќе.
И уште три лекции до идната јас:
- Ќе има многу потешки и помрачни денови. Ќе плачеш многу повеќе од сега. Затоа чувај си ја снагата, и психичка и физичка, ќе ти треба. А светот е толку суров, што многупати ќе бидеш оставена и сама на себе.
- Ќе имаш дете, ќе му ги кажеш сите овие лекции, а тоа, дете ко дете, пак ќе згреши. А ти ќе прифатиш. Бидејќи и твоите некогаш ги прифатиле твоите грешки.
- Ќе бидеш и мајка и баба. Ќе бидеш и учителка и воспитувачка. Ќе останеш и готвачка и чистачка, домаќинка и столб на куќата. Ама не заборавај да останеш дама и жена во вистинска смисла на зборот.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.