Веројатно секогаш ќе бидеш по малку, но ако нешто сфатив за моиве 32 години искуство, тоа е… да те заболе што мислат другите, ама сериозно.

Честиткава ја посветувам на она „малоно бебе позерче“, што си остана доследно на себеси сиве овие години. Па така што, ако не ја прочитате во целост, не ви се лутам. Но ако ја прочитате, ќе ми биде драго, бидејќи можеби и самите ќе се пронајдете себеси во овие редови. Некако се „свикнавме“ на долгите Чет-Џпт текстови, а човечките текстови како да станаа реткост. Или пак, ни создава доза на сомнеж дали зад зборовите се криеме ние или нашето најдобро виртуелно пријателче. Не се секирајте, јас сум.

Е па бебо, најпрво извини за сите луѓе кои што ти ги довлечкав у животот, а не требаше. Веројатно тоа е дел од процесот на растење и созревање. Некогаш не знаеме за подобро, а кога ќе научиме, бегаме од нив како ѓавол од крст. Извини и за сите непотребни стресови, неспиени ноќи и безброј глупи капирици и хирови.
Но, сето тоа беше лекција за нас. За да може „цурава со бакнеж“ да биде она што е денес. За да повеќе не се стресира за глупости, повеќе да си го слуша телото и повеќе да ужива во животот. Беше тешко, знам. Ќе има уште лекции, не се секирај. Ехее… не сме ни на третина пат, полека.

Тебе, мало девојче, ти благодарам за чистата душа и за сите соништа што ми ги подари додека растеше. Постојано те мислам и учам од тебе, како да се радувам на најмалите нешта, да гушкам до „кршење коски“, но и како сѐ уште да го гледам најдоброто во сите. Само сега повнимателно и попретпазливо.

Тебе, тинејџерко, луда главо… ти благодарам што тежнееше да бидеш своја. Беше бунтовна, инаетлива, кршлива, осетлива. Но преживеавме. Посакувам понекогаш да беше уште поостра и борбена. Но знам дека го даде најдоброто од себе.

Тебе, млада дамо, ти благодарам што никогаш не се откажа од пишување. Ти благодарам за Марла. И за сите идеи. И за сета неуморна енергија. Но, најмногу од сѐ што го пронајде Емил и со него го најде својот мир. Заедно сте најзадолжени за она што сум денес.

И конечно, ти благодарам, жено, што конечно дипломира психологија и почна да се спознаваш. Што си различна и доследна на малото девојче во тебе. Што работиш да станеш уште подобра верзија од себеси. За да еден ден станеш и ти нечија мајка. Да ги караш децата како тебе твојата, а потајно да се сеќаваш дека и ти не беше нешто поразлична.

Ти посакувам да си простиш за сѐ и да продолжиш да чекориш. Понекогаш ќе добиваш битки, ќе губиш војни, понекогаш обратно. Но во секој случај, за себе си најголем победник. Ќе има и потешки денови, но ќе истраеш. Како и секогаш. Затоа што си незапирлива и борбена, колку и да изгледаш кревка и кршлива.

Па, нека ми е среќен!

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.

photo: unsplash.com