Одамна сакав да ја споделам оваа приказна со вас. Но ете, никако не можев да се „соберам“ и да седнам да ја напишам. И ете сега требало, сред колоквиумска недела! Нејсе, една приказна која ја споделив на мојот профил ме инспирираше баш сега да го сторам тоа.

Имено, кон крајот на мајот оваа година, бевме на викенд во Солун со Емил. Обично одиме на еден ден, но тогаш решивме да ја посетиме другарка ни која веќе неколку месеци живееше таму. Викенд ко викенд, забава, лудување, прошетки, шопинзи… Неделата напладне заминавме за Скопје, за да може на раат да си се спремиме за почетокот на новата работна недела. Стигнавме дома и таман кога сакав да ја ставам сета црна гардероба од куферот, сфативме дека сме го заборавиле да го донесеме. Стандард вината му ја префрлив на Емил дека тој требало да го стави, па дека јас сум требала да проверам… и така во наредните 10 минути. Да е уште пострашно, Емил требаше да замине на пат истата недела.

Ѝ се јавив на другарка ми, која веќе беше замината на некоја дневна журка. Вели далеку сум оттаму, тек вечерта ќе се вратам. Океј. Без паника. Емил пријави во грчката полиција, а Грци ко Грци (без навреда), штом слушнат англиски. Се губат. Пријавете, велат, па ќе ви јавиме ако го најдеме. Добро.

За среќа лани кога бевме во Прага купивме два исти куфери во различна големина. Го сликав големиот и постирав во разни грчки групи. Ако за нешто се добри социјалните мрежи, тоа е за наоѓање некого или нешто. На ова им симнувам капа. И ја оставивме надежта да поработи на своето, во меѓувреме контактиравме еден кафиќ кој беше во близина на местото каде што беше куферот. Дечкото отиде да види, но за жал ни кажа дека нема ништо. Се јавивме и во пожарна станица, а тие велат дека дур нема пријавено пожар не смеат да ја напуштат станицата. Тоа е што е. Секој атом од надежта почна да се распаѓа. Ќе оставиме на божја волја.

После 2-3 часа добив коментар на мојот пост во грчката група. „Одам да проверам, можеби ќе дознам нешто од бездомниците во близина“, вели една жена. И после еден час, додека бевме на каса во Рамстор да докупиме некои ситници кои ги заборавивме во куферот, добив порака дека куферот е во полициска станица!

И тогаш малку фалеше да се расплачам, а Емил не престана да ме задева дека сум била ненормална. „Па сум, а и гајле ми е, куферот е најден!“, му велам. Набрзина ги ставивме продуктите во торба и истрчавме на најблиската клупа. Тогаш за првпат ја видов Марија, жената која го спаси нашиот сино-бел куфер.

„Не грижете се, куферот ви е во полициска станица. Имало само алишта и прибор за хигиена. Повелете број оттаму, а ако имате некаков проблем, слободно побарајте ме.“

И додека го пишувам ова, иако поминаа месеци оттогаш, се’ уште сум шокирана.

Следниот ден, се јавивме во полициската станица. Тие па мислат дека сакаме да го пријавиме за изгубен, цуц-муц, јавете се овде-јавете се онде. Ништо. Ајде пак, барај ја Марија. Се случи следното чудо. Жената не само што нашла во која точно полициска станица, туку и на кој спрат е. Оттука се спремивме и правец за Солун. По пат купиме бајадера.

Заминавме во полициската станица. На портирот му раскажавме што се случило и му ја покажавме нејзината порака. Се насмевна и покажа каде е лифтот. Да не беше пораката нејзина, не знам како ќе го убедевме дека куферот ни е баш овде.

Се качивме и тогаш го видов како мирно си лежи над креденецот. Му велам на Емил: „Види, ете го“.

Влезе Емил, потпиша дека сме го нашле. Откако проверивме дека се’ си е на свое место и ништо не фали, заминавме право на истото место кај што го изгубивме. Се најдовме со Марија. Прекрасна жена. Дознавме дека имаме многу заеднички особини. И тогаш ја слушнавме нејзината страна од приказната.

„Му реков на сопругот дека некој изгубил куфер и ќе одам  да го најдам. Тој ме нарече луда и ме праша зошто воопшто се трудам да го најдам. Му реков дека секако одам да се прошетам, па нема ништо да изгубам ако ја изменам малку рутата. Почнав да го барам дали е негде фрлен, дали некој знае. И кога и самата јас се разочарав, го прашав дечкото во трафиката дали знае што се случило. Тој ми одговори дека дошле полицајци бидејќи мислеле дека е бомба и го собрале. Останатото е историја“, ни раскажа жената.

За време на нашиот разговор, ќерка ѝ неколку пати ѝ ѕвонеше да ја провери. Им било сумливо зошто толку сакаме да си го најдеме куферот, зошто е толку значаен.

„Никаде нема да најдам такви штикли!“, се насмеав. „А ни таков куфер…“

„Е да, тоа си во право“, се насмеа жената.

Со Марија до ден-денес сме пријателки. И со нејзина дозвола ги објавувам фотографиите и видеото од нејзината потера. Бидејќи знам, колку и да звучи неверојатно, сепак чудата се случуваат!

п.с. Последниот човек од видеото е оној кој ѝ кажал дека куферот е во полиција. Бескрајна благодарност до него!

„ΜΑΡΙΑ ΣΕ ΕΥΧΑΡΙΣΤΩ ΠΟΛΥ“

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.