Стефани Стојаноска Наумческа (30) се занимава со уметност уште од најмала возраст, а денес зад себе има над 250 дела и изложби во Македонија и Италија.

На 20 ноември, во 19 часот, во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево ќе биде отворена нејзината изложба „Срце и душа на платно“. Публиката ќе има можност да ужива во триесетина дела, меѓу кои апстрактни композиции и портрети на девојки изработени со кафе.

Во пресрет на изложбата, со Стефани разговаравме за тоа како почнала да црта, што ја инспирира и што ѝ значи кога некој ќе пронајде дел од себе во нејзините слики.

Како започна твојата љубов кон цртањето?

Почнав да цртам на шест години. Тогаш едноставно уживав во тоа, без да размислувам за изложби или каде би можеле да стигнат моите слики еден ден. Како растев, почнав повеќе да истражувам и посериозно да работам.

Мило ми е што ја зачував таа љубов од детството. Денес уметноста е дел од моето секојдневие и тешко можам да си го замислам животот без неа.

Наскоро следува „Срце и душа на платно“. Каква приказна стои зад овој наслов?

Во секоја слика има дел од мене, некоја мисла, емоција или искуство. Оттука дојде и насловот. Додека сликам, важно ми е што чувствувам и што сакам да пренесам преку делото. Понекогаш така полесно го изразувам она за кое не можам да најдам зборови.

Оваа изложба е продолжение на сè што сум создавала досега, но ја чувствувам и како едно ново поглавје.

Дел од твоите портрети се изработени со кафе. Што ти се допаѓа кај оваа техника?

Кафето им дава посебна атмосфера на портретите. Додека ги работам, најмногу внимание посветувам на погледот, изразот на лицето и деталите.

Кај апстрактните слики, пак, повеќе истражувам низ боите и формите. Ми се допаѓа што ми даваат поинаква слобода во создавањето, а на посетителите им оставаат простор да откријат нешто свое.

Како реагираш кога некој во твоја слика ќе види нешто што ти воопшто не си го замислила?

Баш ми е драго кога ќе се случи тоа. Сликата започнува од некое мое чувство или идеја, но секој ја гледа низ своите искуства. Не очекувам сите да го видат истото.

Кога некој ќе ми раскаже што препознал во неа, имам чувство дека таа веќе си живее свој живот. Токму тие различни доживувања ми се еден од најубавите делови од уметноста.

Веќе изложуваше во Гостивар и во Италија. Кои моменти најмногу ќе ги паметиш?

Првата самостојна изложба, „Бесконечна надеж“, секогаш ќе ми биде посебна. Се одржа во септември 2025 година, во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар. По години работа, конечно ги претставив своите дела пред поширока публика, во мојот роден град. Тоа чувство ќе го паметам.

Многу ми значеше и самостојната изложба „Arte dell’anima – Уметноста на душата“ во Ровиго, Италија, во мај годинава. Особено ги паметам разговорите со посетителите и нивните реакции. Убаво е кога твојата работа ќе допре до луѓе во друга средина. На 13 ноември ме очекува и групна изложба во Падова, па се радувам на новите средби и искуства.

Што би сакала да запомнат луѓето по посетата на твојата изложба?

Би сакала да запомнат како се чувствувале пред некоја слика. Можеби нешто ги привлекло, ги потсетило на нешто свое или ги натерало да застанат малку подолго пред неа.

Многу ми значи и кога некој ќе избере моја слика за својот дом. Убаво е да знаеш дека во неа пронашол нешто што сака да биде дел од неговото секојдневие. За мене, така уметноста продолжува да живее меѓу луѓето.

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.