Како љубител на животните и долгогодишен одгледувач на крзнени пријатели, особено на мачиња, можам слободно да кажам дека тие се апосолутна терапија против стрес, анксиозност и депресија. Низ годините одгледавме многу животни, а едно маче дефинитивно се издвојуваше меѓу нив, мојот Панта.
Беше црн дебел мачор, со буцкасти образи. Невиден плачко, додека не го зедев в раце не престануваше да плаче. Имаше потреба од љубов, човекова љубов, постојано. И дење и ноќе. Навечер беше особено приврзан со мене, легнуваше до мене и лежеше на перницата како мало човече. Тет-а-тет си спиевме, негде кон средината на ноќта, тој магично ќе исчезнеше и ќе излезеше навор да си бара љубов од негова сорта.
Понекогаш го немаше со цели ноќи, но кога и да забележеше дека сум тажна или болна, не се делеше од мене. Ја чувствуваше, пак, мојата потреба од љубов, од животинска љубов. Си бевме тенџерче и капаче со години. А нашата приказна започна спонтано.
Го најдов на игралиштето близу мојот дом, гушнат со својата сестричка, но бидејќи во тоа време и брат ми донесе црно маче, помислив дека е нашето кое избегало. Сабајалето моите полудеа кога видоа дека имаме две исти црни мачиња, а татко ми на шала ја праша мајка ми дали „овие се размножуваат“. Но ги прифатија и двете. А јас до ден-денес не можам да си простам што го одделив од сестра му, која не ја видов повеќе, па стално му кажував дека таму негде има сестричка.
И така, четири-пет години јас и Панта народски кажано бевме „г’з и гаќа“. Во еден период тој дури и замина на тримесечно патување во потрага по мачешка љубов. И тоа баш кога јас го пронајдов Емил, мојата сродна душа. Три месеци не знаевме каде е, сè додека не се појави на врата огладнет, слаб, изнемоштен, до непропознавање. Го средивме, но тогаш се случи и нашата преселба, и додека да го земеме во новиот дом, бидејќи сè ни се случи набрзина, Панта нè претркна и повторно исчезна.
Никогаш нема да го заборавам моето крзнено бебе, мојот крзнен партнер, кој ми се појави кога најмногу ми требаше и остана додека не се осигура дека сум повторно среќна. Не можам со зборови дури да ја опишам мојата љубов кон него и тој кон мене. Тој беше овде за секоја моја солза, за секоја моја победа, учеше со мене, спиеше врз моите книги, ми правеше друштво до пет наутро. Сакаше со мене да дели буквално сè, па дури плачеше и за коцка чоколадо.
Три-четири години подоцна се роди Црнка, реинкарнација на Панта во женска верзија. Постојано плаче, љубомори и заспива како човече. Среќата да ја „тормози“ ја има мајка ми. Понекогаш кога ќе останам да преноќам, таа доаѓа кај мене, но кога ќе сфати дека тоа сум јас, веднаш ја бара мајка ми.
Кога бев тазе оперирана се држеа настрана, крај нозете или на другата страна на креветот, како да знаеа дека не смеат да се премногу блиску до мене, случајно да не ме повредат или да ги држат раните отворени и сигурни.
За крај, најдов неколку факти за крзнените пријатели, кои вреди да ги прочитате:
- Сопствениците на домашни миленици поретко страдаат од депресија отколку оние без.
- Луѓето со домашни миленици имаат понизок крвен притисок во стресни ситуации од оние без. Една студија покажала дека кога луѓето со хипертензија посвоиле кучиња, нивниот крвен притисок значително се намалил во рок од пет месеци.
- Играњето со куче или маче може да го зголеми нивото на серотонин и допамин, кои смируваат и релаксираат.
- Сопствениците на домашни миленици имаат пониски нивоа на триглицериди и холестерол (показатели за срцеви заболувања) од оние кои немаат.
- Сопствениците на домашни миленици постари од 65 години имаат 30 пати помали шанси да одат на лекар од оние кои немаат.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.