Цел живот сум опкружена со луѓе кои вршеле булинг и луѓе кои трпеле булинг. Многумина не сакаат да се навраќаат на школските денови, па често избегнуваат и да одат на таквите рејуниони (реобидинувања). А зошто би одел некој кој секој школски ден му се рамнел со кошмар? Зошто некој би си додавал сол на раните кога ќе видат денес „пораснатите деца“?
Прво си млад и незрел, и ти е смешно. Смешно е да се кубете за коса, смешно да се навредувате, смешно е да се иритирате, смешно е да се исмејувате. Смешно е.
Но тие смешки за некого се вечни трауми. Тие нечии смешки ствараат социјална анксиозност, панични напади и агарофобија. И веќе не е толку смешно, нели?
Ама па од друга страна кому му е гајле? Зарем ако некој мислел за иднината на злоставуваниот, воошто би го злоставувал? Не. На насилниците битно им е да си го направат ќефот, да си уживаат во денот. Да мислат дека се дел од филмот Mean girls, копнеат да бидат главни и сите да им се плашат. Не знаејќи дека сето тоа е пролазно, дека после завршувањето никој нема да се замара со нив, дека сите ќе продолжат со животот, дека денес насилството е осудено од општеството како никогаш досега.
Денеска да бидеш насилник воопшто не е кул, помина времето на „Ране“ филмовите. Денеска на пиедесталот се хуманистите и борците за човекови права.
Ги гледам и слушам сегашниве тинејџери, полни со себе, заблудени дека некогаш им се прости на младоста и лудоста. Точно. Но срцето ми го пленат младите луѓе кои помагаат, кои креативно се „натпреваруваат“ меѓу себе, кои гледаат да сѐ што е можно поначитани, поклутурни, посестрани, поуспешни.
Луѓе кои сакаат да учат, да се образуваат, да шетат низ светот, да бидат семејна гордост. Луѓе кои сакаат да читаат, пишуваат, сликаат. Луѓе кои се мали по години, а размислуваат како возрасни. Таква е младината која ѝ треба на Македонија и светот, а не исфрустрирани деца кои не знаат како полесно да го поминат денот без да прават апсолутно ништо продуктивно за себе и околината.
И што е најстрашно никогаш булингот не е насочен кон некого со некоја намера, токму спротивното, насочен е за да се убие досадата и полесно да им помине времето. Насочен е кон да се направат фаци во моментот. Жртвата е случајна, најчесто свесно ја пикираат бидејќи се покажала како ранлива и попустлива. Не им треба многу време додека да го сфатат тоа, бидејќи ги тестираат поединците околу себе. Оние што даваат отпор или се покажуваат како посилни ги оставаат на страна, или им стануваат пријатели, така се создаваат кланови. Честа појава насекаде, особено во класовите.
Јас завршив со социјална анксиозност, панични напади и агарофобија. Но решив да им простам на сите насилници и да продолжам понатака. Не само што им простив, туку се обидувам и целосно да ги заборавам, да ги збришам од меморијата. Макар да е цената за тоа многу висока и да бара целосно заборавање дури и на убавите школски денови. Сакам да ги заборавам сите години. Сакам да им ги заборавам имињата, лицата. Да им ги заборавам грдите дела и да продолжам понатака.
Се чини потешко е да ги заборавам, отколку да им простам. Бидејќи секоја нова средина ме потсеќа на лузните направени во тие години. Секој нов разговор е флешбек. Потсвесно. Никого конкретно не обвинувам за мојата состојба, го обвинувам општеството кое не презема ништо за да се спречат овие грди настани. Го обвинувам системот кој не презема ништо да ги казни овие деца. Ги обвинувам наставниците и професорите кои не преземаат порадикални постапки. А најмногу од сѐ родителите, иако и тие не можат да внимаваат кој со кого се дружи. Но можат да ги однесат на психолог.
Грдо е, мачно е и тешко е пишувањево на темава. А уште помачно е што знам дека е повеќе од реална. Родители разговарајте со своите деца, и сфатете НАСИЛСТВОТО ама НИКОГАШ НЕ Е РЕШЕНИЕ! И постапете правилно, за ваше добро, за доброто на вашето дете. Насилството не може да вроди со плод или убави нешта. Насилството раѓа насилство, насилството ствара уште поголемо насилство.
Секој родител сака да се гордее со своите деца, нели? Тогаш не бидете родител на црната овца! Спасете го на време од канџите на насилството.
photos: Pixaby
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.