Како поранешен пушач уште на самиот почеток со огромно срце би ви препорачала да ги оставите веднаш, на лице место.
Ќе се обидам да ви ја дооловам паререлата измеѓу годините додека пушев и сега кога конечно се ослободив од канџите на злобните другари.
Најпрво ќе разбијам неколку митови и заблуди, а подоцна ќе се обидам да ви дадам краток прирачник како полесно да ги оставите.
Мит бр. 1: Цигарите ја намалуваат вознемиреноста и смируваат.
Огромно НЕ. Доколку сте анксиозен, цигарите само ќе го покачат адреналинот и ќе ја зголемат тахикардијата, а со тоа вие ќе станете уште повознемирени.
Последен пат за да се смирам запалив цигара кога се соочив со смрт на моја блиска личност. Не ме смири, напротив, само ме довознемири.
Наместо да пушите, подобро е да пешачите или да се занимавате со нешто додека да ви помине стравот и нервозата.
Мит бр.2: „Цел живот пушам цигари, не можам туку-така.“
Мајка ми, да е жива и здрава, за цигарите секогаш на оваа фраза ми реплицираше: „Да бе, јас со цигари те задоив, па сега ти да не можеш да ги оставиш.“
И така е. Тогаш се лутев, ама сега сфаќам. Човек со млеко се задојува, па на крај станува веган, така што буквално од сѐ можеш да се откажеш, само ако сакаш.
Мит бр.3: „Пушам насекаде, и дома и на работа, сѐ ме врзува со цигарата.“
Јас сум една од оние кои пушеа само на работа и во друштво, никако дома или пред роднините.
На мајка ми ѝ ветив дека никогаш нема да запалам пред неа цигара иако знаеше дека пушам, а многу од роднините отккао ги оставив дознаа. Така што не дека криев, но едноставно не чувствував потреба да се изборам за тоа. Да ми значеле толку многу цигарите, сигурно ќе сум се борела повеќе. Ама од оваа дистанца сфаќам дека никогаш не биле баш дел од мене.
Многу од луѓето кои дознаа дека ги оставив ми рекоа дека ми било лесно, бидејќи не сум пушела дома. Ах бе другари, јас така сум одлучила. Можеби имало моменти кога сум сакала да запалам цигара на некоја семејна прослава после добро јадење, ама сум останала на своето. Нема лесни-тешки фактори, има само волја и моќ.
Мит бр.4: Кафето и алкохолот се строго поврзани со цигарата
Најмногу луѓе кафињата и алкохолот ги врзуваат со цигари, бидејќи „природно“ нели така му доаѓа. Но, јас продолжив да пијам кафе без никаков проблем.
Всушност, првиот пат кога решив да ги оставам цигарите со првото утринско кафе. Дека е чудно, чудно е. Ама е далеку од невозможно.
За разлика од мене, многумина ги оставаат и кафињата, но јас никогаш не бев спремна за таков радикален чекор.
Мит бр.5: „Сите пушат околу мене, сигурно е тешко да се остават.“
Секогаш секаде ќе се најде некој кој пуши, но тоа не треба да биде оправдување да продолжите со цигарите. Ќе биде тешко можеби, но не се фокусирајте на нив. Не ги гледајте како нужна потреба. Едноставно фокусирајте се на разговорот со личноста, наместо да ѝ гледате во цигарата.
Со текот на времето цигарите ќе ви засметаат и ќе се чудите како сте можеле да ги пушите.
Веќе неколку години не пушам и ужасно ми сметаше димот првата и втората година, го детектирав секаде. Сега не го ни перцепирам бидејќи повеќе не сум опседната со нив и со нивното оставање.
Е, сега откако пробав да ви ги разбијам најчестите митови и заблуди, ред е да ви го прикажам и мојот прирачник.
Направете го тоа за себе, а не за другите.
Вака ќе ја почнам формулата за среќна разделба со цигарите. Многумина низ животов се обиделе да ме отргнат од цигарите, а начините беа разни, најчесто преку закани дека ќе ме кажеле на моите или ќе престанеле да се дружат со мене. Ми фрлаа полна кутија со цигари в канта…
И ниту еден од нив не успеа во намерата. Причината беше јасна: Јас не сакав. Едноставно чувствував како да треба да го направам тоа за другите, а не за себе.
Кога се појави мојот спасител Емил, тој беше прилично прецизен во намерата да ги оставам цигарите. Како некој што никогаш не пробал димче од цигара, имаше целосно право да „ми соли памет“. Но она што се разликуваше од другите во неговото „барање“ е тоа што ми укажа дека треба тоа да го направам за себе. Дека не заслужувам да се трујам и дека сака да има здрава мајка за своите деца. Да, тоа ми го кажа уште првата недела од нашата врска. Тој знаеше дека сме створени еден за друг и не згреши.
Ми беше тешко да се соочам, но си реков: „Хеј, ова е за мое добро! Зарем да се инаетам за свое здравје? И ете… така некако започна мојата авантура со оставањето на цигарите.
Не сте кул со цигарите, дефинитивно. Најдете подобар начин за зближување со луѓе.
Мантрајте, мантрајте и само мантрајте го ова погоре. Јас почнав активно да пушам цигари на 14 години во прва средно, тоа ме спои со многу луѓе и така практично почнав да се дружам за време на одморите. Но, како велат: „There ain’t no such thing as a free lunch“ (мојата омилена поговорка) или преведено на македонски: „Ништо не доаѓа за џабе“.
Па така, мојот договор со ѓаволот се состоеше со речиси десетгодишно искуство кое ги влоши моите панични напади и за кои сега веќе сум сигурна дека влијаеле врз моите онесвестувања, бидејќи откако не пушам – НИТУ ЕДНАШ НЕ СУМ СЕ ОНЕСВЕСТИЛА.
Ова го пишувам со огромни букви бидејќи заслужува, не бев свесна за тоа додека не разговарав со една драга личност и која ми укажа дека било невозможно да се онесвестиш од паничен напад. Откако добро елабориравме на темата, сфативме дека доста можно е цигарите да влијаеле. Колку повеќе мислам на тоа, толку повеќе сум сигурна за тоа.
Само за напомена, и таа личност не е стручно лице како мене. Тоа природно дојде откако говоревме за анскиозноста и паничните напади.
Наместо цигари, купете си бадеми или други јаткасти плодови.
Заменете една лоша работа со добра, евентуално ќе ви здодее да нон-стоп да трошите и ќе почнете да штедите. Но ако кризирате, најдобро е да си купите нешто со кое ќе ја замените потребата за цигари.
Ем здраво, ем вкусно, ем ќе ви ги пренасочи рацете на нешто друго.
Занимавајте се себеси, држете се фокусирани на некоја работа.
Држете го вашиот мозок зафатен, не му дозволувајте да се досадува. Работете нешто. Пишувајте, читајте, истражувајте. Зададете си задачи кои мора да ги исполните.
Кога ќе дојде време за пауза, грабнете јаболко и помислете дека не сакате да си го расипите вкусот со цигарата. Или ако сте дома, легнете да одморите.
Не се форсирајте.
За ништо на светот не поддржувам форсирање, па така и за цигарите. Обично работите кои се форсираат се враќаат како јој0-ефект во нашата глава. Само бидете свесни што можете да добиете ако ги оставите и што губите ако продолжите да пушите.
Јас пушев скоро десет години, тоа значи дека најмалку десет години им треба да моите бели дробови да се рехабилитираат, но возраста е доста пресудна. Колку поскоро ги оставите, толку подобро. Само сетете се на првиот чекор кој ви го напишав: Направете го тоа за себе, а не за другите.
Можно е да ги сонувате цигарите, но не се секирајте. Јас првите години ги сонував и се препотував. Се плашев дека сум заплалила цигара и залудно сум се трудела да ги оставам. Сега веќе не ги сонувам. Првпат пошироко пишувам на оваа тема, бидејќи искрено, повеќе на ниту еден начин не ме засегаат.
Ако ги лажете другите дека сте ги оставиле, запомнете дека се лажете само себеси.
На почетокот лажев дека ги оставив цигарите и скришно пушев на работа. Дома сите знаеа дека ги оставив, но јас им се враќав. Но решив повеќе да не го правам тоа. Не ги лажев другите, самата себеси си се лажев.
Другите имаат свои бели дробови, не ги имаат моите, што им вреди ако им кажам дека „ги оставив“? Ништо. Јас легнував со помислата дека сѐ уште пушам и не сум ги оставила. Јас станував со истата помисла. Не другите.
Сега ниту себеи, а ниту другите ги лажам повеќе. Се чувствувам ослободено. И ми е срам што скришно ќе запалев, без да знам дека така само си го хранам непријателот.
И за крај, решив да ја напишам парарелата на мојата анксиозност за време на цигарите и откако ги оставив.
Додека пушев цигари | Откако ги оставив |
Помало ниво на толерантност | Се трудам да бидам што е можно повеќе разбирлива |
Лесно избувлива | Знам да „одлепам“, но претпочитам да бидам рационална во своите размислувања |
Прво што погледнував е дали имам цигари и каде можам да купам | Цигарите ги заменив со друга зависност, телефонот. И двете се штетни, свесна сум… |
Се онесвестував при паничен напад | Веќе шестта година како се немам онесвестено |
Цигарите ја држеа мојата социјална анксиозност, односно ми помагаа да стекнам нови пријателства | Сега се трудам на поинаков пристап да ги освојам новите пријатели, преку насмевката |
Почеста такихардија и вознемиреност | И сега се случува тоа, но поретко и не толку интензивно како порано |
Тоа е сѐ пријатели, се надевам дека некако ви помогнав… се слушаме наскоро со нова тема!
Слободно оставете ги своите предлози во мојата контакт-форма.
photos: Pixaby
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.