Како што и самите знаете, веќе подолго време се обидувам да пишувам на оваа тема, анксиозноста. Сѐ започна со обелоденување на мојата приказна за анксиозноста, па потоа се обидов да ве приближам до оваа состојба преку разни совети и примери.

Покрај самата анксиозност, пишувам и за паничните напади, но и за биладањето самодоверба.

Но, зошто пишувам воопшто на оваа тема и зошто воопшто го отворив овој сајт?

Едноставно е. Откако гостував во едно интервју за смајли.мк каде отворено ја раскажав мојата приказна со анксиозноста и чат-пат пишував за неа на сајтот majkatiitatkoti.com, од нигде-никаде бев повикана да гостувам во емисијата „90 минути“ на Телма со Цеце и Марк. Тогаш почнаа да ме контактираат бројни загрижени сограѓани кои се соочуваат со оваа состојба. Тоа беше доволен мотив да почнам посериозно да се занимавам со оваа тема и да се обидам максимално да ги доближам читателите до неа.

Јас не сум психилог или психијатар, односно не сум стручно лице, но сум паталец. Тоа особено го нагласувам бидејќи јас не можам да одговорам за било каква медикамедозна терапија, бидејќи ниту самата јас не ја примам, а сметам дека за далеку посериозните случаи од мојот, задолжително требаат сеанси.

Се надевам дека постојано ќе се дружиме и заедно ќе учиме нови работи, ќе се надоградуваме и ќе се инспририраме еден со друг. Морам да напоменам дека самото пишување и навраќање на стресните моменти ми влијаат можеби до некој степен, но не им дозволувам да ме преовладаат, па токму затоа нема никогаш да престанам да пишувам на оваа тема која верувам дека им е трн во око на многумина.

Со сокривање зад параванот нема ништо да постигнеме, само ќе се залажуваме дека не е ништо и дека ќе помине само од себе. И не е ништо, ако успеете на вистински начин да ја совладате, но станува вистински проблем кога станува хронично и не знаете како да се изборите со неа.

Мојата мисија ми ја посочи мојот партнер Емил, кој ми ја откри оваа подмолна состојба. Иако целиот живот сум се соочувала со неа, сепак од моментот кога дознав, сфатив на што сум и дека не сум сама. Така, на тој начин, си дадов задача сама на себе да им помогнам и на другите кои се мракот на неспознаеноста.

Од срце на сите кои се соочуваат со анксиозноста, а не верувам искрено дека не постои некој таков, или барем не знае некој што мака мачи со неа, да повели во групата за „Анксиозност, панични напади и стравови“, како уште полесно би можеле да се запознаат со туѓите приказни, кои се доволно слични, а сепак доста различни. Групата иако брои повеќе од 10.000 членови, сепак таму сите сме како едно семејство. Предрасудите и стереотипите не се дозволени, туку токму спротивното, владее љубов, топлина, хармонија. И најмногу од сѐ, поддршка и разбирање, која се чини е научна фантастика меѓу „обичните смртници“.

Во продолжение ви предлагам да го погледнете моето госување во Телма, како подобро би се запознале! Се надевам дека ќе излечете нешто повеќе за мене и моето искуство, ќе дознаете за мојата чудна и несекојдневна фобија, со каков вид на анксиозност се соочувам и што е тоа селективна немост, кои се моите симптоми и како решив да терам понатаму без никакви медикаменти и терапии.

Па дечки, тоа е сѐ од мене засега и мило ми е што конечно се запознавме! Јас сум Марија, за пријателите Маци, а вие уживајте и понатаму во деловите од мојата приказна со оваа досадна другарка. 😊

И запомнете: Анксиозноста не е болест, туку состојба на умот!

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.