Уште од малечка, најголема мана ми беше тоа што бев огромна лутка. Сè, ама баш сè си придавав на срце. Како времето поминуваше, така и желбата за лутење ме одминуваше. Едноставно се навикнав.
Кога дознав дека „страдам“ од анксиозност, и дека таа всушност ме следела цел живот, следеше огромен пресврт. Колку повеќе ја запознавав, толку повеќе се запознавав и самата себе, што сега, што од минатото.
Лутењето не било мана, туку дел од мојата анксиозна состојба и тоа го прифатив подоцна и како дел од мојата индивидуа. Јас сум таква и да можело да се смени, одамна ќе се сменело.
Додуша, се смени. Грев е да кажам дека не. Се смени затоа што научив кога срцето ќе ми крвари ради навредите, а кога ќе премине само во лута фаза, а кога ќе ја прифатам на своја сметка како шала. Значи од „лутење за сè, преминав во распределување во три фази“, што за мене претставува оргомен напредок.
Ќе почнам од последното. Од шала ги прифаќам навредите и неконструктивните критики од луѓе за кои што сметам дека не се компентетни, кои не ми се пријатели и од „крвните нерпијатели“, но и од луѓе кои знам дека во мене ги гледаат само лошите страни, наспроти добрите.
Во лута фаза се коментарите кои се поврзани моментално за одредена ситуација во која се наоѓам. Најчесто поради стрес и претерана анксиозност во моментот, бурно реагирам дури и за најмала ситница. Ова е веќе меѓуфаза, која повеќе потсеќа на првата, отколку на последната.
Последната фаза е крварењето и рушењето самодоверба. Не е толку лесно да се сруши самодовербата, ако црвсто ја градиш, но ако постојано се повторува тоа, од премногу разнишување евентуално ќе се случи тоа – конечна апокалипса, крахирање на досега посигнатото.
А за секој крах, за секој силен земјторес, треба уште посилен и поголем епицентар. Да се рушеше така лесно секое тло, немаше ни да постоиме. Ќе бевме живи мртовци кои едвај спојуваат крај со крај. Епицентарот за разнишување на самодовербата се само најблиските, оние кои најмногу ги сакаш и чие мислење најмногу ти значи.
Не може некој од улица, или некој кој илјадапати ме повредил, да ме сруши. Не може. Не може ниту да ја изгради мојата самодоверба со неколку комплименти кои јас толку тешко и со недоверба ги прифаќам, набаре земам сомнителна пилула. Да, кога толку пати ќе се најдеш во дувлото на навредите и невкусните коментари, веќе и комплиментите за „браво“ и „машала“ ги прифаќаш со резерва.
А, не треба. Треба да е обратно. Треба да веруваш во себе од самиот почеток, па сè до самиот крај. И цврсто да истапиш, да кажеш: ЈАС СУМ ЈАС. Јас правам грешки, но и учам од нив. Можеби не сум најубавата, но дефинитивно знам дека имам своја убавина. Можеби сум предебела или исушена, но под коските и кожата чука срце идентично како и на останатите.
Но, ќе научиш. Ќе научиш да веруваш во себе. Ќе се осипуваш од комплиментите на најблиските. И тие ќе те изградат. Но, внимавај. Бидејќи тие се единстевните кои можат да те срушат.
И кога повторно ќе се изникнеш од сопствената пепел, нивните навреди повеќе нема да те сечат, ниту пак болката што ќе ти ја зададат некогаш ќе биде поболна од претходната. Секој ама баш секој може достигне кулминација. Ќе те убие еднаш и доволно е да изгубиш доверба.
Чувај се. Внимателно бирај ги луѓето од последниот круг. Нека е еден, евентуално двајца. За помалку да боли. За да не мораш постојано да започнуваш од нула. Бидјеќи срцето се уморува. Наместо да растеш, ти паѓаш и одново почнуваш да се градиш.
Топло ли му е на човека зиме со еден слој облека? Не. Така е и со минималниот слој самодоверба. Тогаш зошто да стоиш гол и да прибираш постојано парталчиња?
Стопли се и себеси и душата, а нив остај ги гладни и бедни во сопствената „немаштија“ на умот.
photos: Pixaby
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.