Маријана Митревска е сопруга и мајка на петгодишен син. За себе вели дека е креативна личност, по малку уметник, но пред сѐ е писател и текстописец. Ја сака музиката, а вљубена е во природната, историските и културните локации, но исто така ја интересира и модата. Се смета за комуникативна личност која може да разговара на различни теми.
Таа интензивно почнала да пишува во 2019, додека со печатење почнала во 2020год. Иако, како што вели таа, отсекогаш сакала да твори. Во интервју за „Жена на жена“, таа ми раскажа за нејзините почетоци, нејзината пасија кон пишувањето и нејзината најголема инспирација која сите нам ни е позната.
„Во мојот дом најдов кутија со спомени, каде најдов текстови и состав од 2004 год, кога сум имала одприлика 14 години. Мојот прв обид за роман беше на 18 год. Мојата пасија кон пишувањето ја открив по посетата на Св. Преображение во Крушево во 2019та год. Два месеци подоцна почнав без престан да пишувам, се случуваше да напишам и по 7-8 песни во ден…“, вели Маријана.
Нејзина најголема инспирација е Тоше Проески, христијанството и природата, за кои што вели дека е потребно личноста да поседува многу чиста, вистинска и искрена љубов. Минатата година во чест на нашиот непрежален ангел Тоше, таа во соработка со 150 автори од различни краишта на светот (меѓу кои и јас, каде учествував со песната „За Тоше, ангелот меѓу ангелите“) ја создаде хуманитарната антологијата „1200 молитиви“.
„Сите овие автори ги поврзува едно име, а тоа е Тоше Проески. Идејата дојде по мојата посета во Крушево која направи пресврт во мојот живот на подобро, 60 % од книгите се продадоа, лично се ангажирав за нивна продажба. Финансиските средства веднаш беа донирани во манастирот, а промоцијата се одржа во Крушево на роденденот на Тоше во неговата спомен куќа, каде имаше поетско читање од поетите кои можеа да присуствуваат. Имаше голема посетеност од медиумите“, раскажа Маријана.
Кога ја прашав за нејзините почетоци, таа ми раскажа за нејзината прво дело, збирката поезија „Сите мои песни“, која е добитник на награди од сите континенти во светот. Нејзина инспирација бил повторно единствениот Тоше.
„Кога кажувам дека тој ми е инспирација, не сакам да правам самопромоција од неговото големо име, туку навистина имам голема љубов и почит кон неговиот лик и дело. Се работи за некое внатрешно силно чувство кое не можам да го опишам. Доколку ги читате моите книги, во нив откривам многу работи…“, искрена е таа.
Маријана изминатиов период полека од поезија се префрли на проза, па неодамна ја издаде нејзината најновата книга „Дневникот на Мери Ен“, која пак, е продолжение на претходниот роман „Ангел чувар“.
„Ангел чувар е, всушност, книгата која сакав да ја издадам прва, но не ѝ бил дојден денот, можеби бидејќи требеше да пораснам и созреам духовно за да можам да ја напишам. Тоа е книгата која се обидов да ја напишам на 18 год. Тогаш имав напишано 40 страници, но ги избришав ( насловот ѝ беше даден уште тогаш). Па, откако ја виде светлината на сонцето, таа го доби и своето продолжение – “Дневникот на Мери Ен“. Романот е ншто во стилот на светските бестселери „Тајната на шамбала “ од Џејмс Редфилд или, пак, „Кодот на Да Винчи“ од Ден Браун. Ова е приказна за духовноста, стариот и новиот завет во модерно време, музиката и историјата. Во голема мера се опишани значајни историски локации во Македонија како кралство, библиска земја, симболика, хералдика и што уште не. „Дневникот на Мери Ен“ ја опфаќа вистината, невидливото, духовната трансформација, митологијата, како истражувачки труд на духовно поле , и можноста за комуникација со Бог“, раскажа таа.
Маријана додава дека нема промоција на нејзините книги, бидејќи нејзините книги се веќе раздадени уште пред воопшто да закажала датум за промоција. Вели читателите ги бараат примероците лично од неа на социјалните мрежи.
Во иднина планира повторно да се покаже како организатор на културни настани, да ги препечати моите дела со цел да бидат достапни за читателите кои не успеале да стигнат до нив. И секако да го продолжи серијалот на романите „Ангел чувар“ и „Дневникот на Мери Ен“.
„Можеби во новото продолжение главниот лик ќе добие ново име по духовното ослободување, а планирам и да се покажам во уметноста. Спремам платна со мотив „Христијанство“, ми откри Маријана.
Нејзината порака до сите читатели на „Жена на жена е кратка и јасна: „Биди свој/ а, Бог е со тебе, верувај и чуда се случуваат. Рацете нека ти бидат штит, склопи ги за молитва. Огнен меч нека ти биде свеќата, телото измиј го со вода, а душата со солзи. Насмеј се чисто и невино како бебе… Ве сакам многу сите!“
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.