Ете таков е човекот, ете таква му е сортата. И не е поврзано со нација, вера, пол, старост. Не. Во заблуда сте ако мислите дека само на Балканот постојат пакостливи, завистољубиви, гневни луѓе. Ги има насекаде во сите бои.

Додека едниот макорпно создава, другиот бдее над него, но не да му помага, туку да го куди и прекорува. Ти гради, тој ќе ти руши. Ти реди цигла по цигла, тој ќе ги бутка. Ти цртај сонце, тој ќе додава облаци. Ти цртај надеж, тој во црно ќе ја обојува. Одново и одново.

А што да правам, ќе си речеш. И во право ќе бидеш. Зар на човека можеш ум да му всадиш? Или доброта да му подариш? Или зависта да му ја избришеш? Можеш ли? Не. Ретки се тие кои ќе се променат, а и тие од сомнителни, посомнителни. Нејќе срцето повторно толку лесно да верува, па ете. Учи го, карај го. Ама не сака. Се изгорело, се пепелосало, се изгњавило, умрело, па воскреснало. Дува посилно и на јогуртот ладен.

А другиот, понизно моли. Па се лути. Чунки ти треба да му простиш, треба да го разбереш.

А срце искрено, полно со љубов. прифаќа, простува. Но не се предава, не се дава така лесно повторно на гладните волци. Трпеливо следи го секој иден чекор, трпеливо чека.

Куќите најпосле изградени, тешко се рушат. Циглите наредени тешко се бутаат. Сонцето смело тешко се сокрива. Надежта која сјае, тешко згаснува. Но, само срцето не попушта.

Затоа што ако само малку дозволи, сиот товар на плеќите ќе го струполи. Ќе го сруши за миг. Како кула од карти. Со само еден збор од саканите, од најблиските.

Затоа што тие ни помагаат да се изградиме, нивните охрабрувачки зборови се нашите цигли, тие ни даваат надеж, позитива. Тие и само тие.

photo: Pixabay

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.