Многупати сакав да напишам статија за burnout-от кој полека, но сигурно, правеше хаос во мене. За оние кои не знаат, burnout е синдром на работна исцрпеност, кој се карактеризира со комбинација на длабок замор, намалено инвестирање во професионалната активност и чувство на неуспех во работата. Се смета дека е резултат на хроничен професионален стрес, односно со работно преоптоварување.
И додека го барав коренот на мојот хроничен замор, ми се случи напад на слепото црево и сфатив дека морам да ги спојам двете во едно. Неколку пати размислував кога точно се најдов во ќор-сокак. И секоја година која си ја споменав во главата ми се чинеше како рационална. По што почнав да ги елиминирам.
2020 беше тензична бидејќи се соочивме со нешто ново, ниту здравствените работници не знаеа што е, а камоли ние, обичните смртници. Таа година ја завршив и книгата „Моето име е Марла“, која некако заглави во лавиринтот на издавање. Најверојатно поради мојот подоцнежен burnout. Иако психички бев изморена таа година, растргната на неколку страни, како приватно, така професионално, сепак ја елиминирав.
2021 година веќе го поседував сајтов, но се запишав на факултет. Парарелно полагав испити од прва година, бидејќи се запишав сред семестар, па имав рок до септември да ја исчистам цела. Целосно преминав во редакција и почнав полека да го чувствувам стресот. Едно беа статии за „како да бидеш секси“, а друго беа стории и независност. Во меѓувреме се вселивме со Емил. Уште една форма на независност. Моравме да се научиме дека станавме сами свои луѓе. Веќе нема мама-тато. Веќе нема ручеци на готово, измиени садови, среден дом и испрани алишта. Веќе ние ја владееме територијата.
2022 година ми започна ужасно. Изгубив човек од фамилија и болката по него трае до ден-денес. И кога мислев дека тоа ќе е единствениот, се случија уште неколку смртни случаи, и тоа уште два од фамилија. Но ниту една смрт не ја засени првичната. Во меѓувреме пристисокот растеше над моите плешки. Од работа заборавав на тагата, од учење на факултет заборавав на себе. Утрата веќе не беа утра. Се будев со притисок дека и денес е работен ден и дека и денес ќе морам да работа. Светла точка во сето ова е што се роди внука ми. На нејзе најмногу ѝ се радувам годинава. И на уште некои нешта што допрва следат периодов.
Дење работи и учи, ноќе плачи. На работа смеј се, дома смеј се, додека миеш садови – плачи. Никој да не знае, никој да не чуе. Да не се грижи, да не се тажи. Кому му е грижа на улица за твоите солзи, бриши ги, не се давај. Неколку месеци не се чувствував ко човек. Махинално одговарав на секое прашање.
„Сакаш ли кафе или чај?“, ќе ме праша.
„Да“, ќе одговорев.
„Што ДА??“
„Ах кафе“, ќе кажев, а всушност, сакав чај и обратно.
Мислите не ми кореспонираа со моите одговори. Чувствата не кореспонираа со моите изрази на лицето. И тогаш дадов отказ. Затоа што ми беше потребно да се оддалечам од работните обврски. На неопределено. Понуда за работа веќе имав, но оставив да се одморам психофизички.
Последниот ден од работа, дома се враќав, чекорејќи како полжав. И плачев. И не ми беше грижа дали некому не сум изгледала убаво или дали некој помислил за причината. Одев и плачев. Ја исфрлив и последната негативна емоција од мене. Тогаш сфатив дека сето тоа време сум чувала болка во себе. Таа требаше да се исфрли сега и овде. Ја плукнав далеку од себе.
Првата недела се сеќавам дека спиев, многу спиев. Телото ми беше уморно, ги чувствував сите клетки како се борат да се обноват. А кога не спиев, чистев. Чистењето е мојата најфина терапија, покрај играњето, се разбира. Ја исчистив кујната од корен, нешто што ужасно го посакував додека бев зафатена со работни обврски.
Некаде две недели по отказот, почувствуав силна болка во стомакот. Додека да се снајдеме за ехо, болката престана. И ја заборавив, сè до следниот напад, кога едвај заспав од болка. Денот ми беше стресен, па помислив дека повторно желудникот си игра со мене. Очајно барав природен лек, некаков чај да ми смири. Среќа Емил не ми даде да се напијам апче за болка. Следниот ден веќе бевме на Ургентен во Систина. Емил нејќеше да остави ништо на случајност, сакаше да се испита моето здравје докрај. Всушност, тој ми го спаси животот. Двапати.
Крвните анализи и ехото, како и општиот преглед на интернистот укажаа дека се работи за воспаление на слепото црево. Недоволно алармантно за операција, но мораше да се следи. Секој втор ден бевме во Систина. Огромна благодарност до д-р Драган Манасиевски кој ме упати кај д-р Зоран Трајковски кој ја потврди дијагнозата.
„Ова е за операција, што поскоро-тоа подобро“, рече тој. И на крај завршив на преглед кај хирургот др. Ален Јовчевски кој недела подоцна ме оперираше.
Три недели траеше мојата агонија. Никој не сакаше да ме оперира пред да се потврди дијагнозата и алармантноста. Три недели во страв да не пукне, но и три недели во исчекување. Посакував да можеа да ме оперираат веднаш. Да не морав психички да се спремам.
Но, и тоа помина. Три дена саглам лежење. Првиот ден беше најтежок, вториот беше океј, малку бев тажна што не ме пуштија дома, но од оваа дистанца добро постапија. Од третиот навака, сè е историја. Најтешко ми беше чувството на гушење (од лежење) и болката над папокот. Не можев да се смејам. Ни за време на нападот не можев да се смејам, а сега после операција па ептен.
Еве ме, недела дена подоцна, можам да се смејам. И да играм. Сакам да упатам јавна благодарност до сите вработени на Систина, а најмногу до хирургот кој успеа да ме насмее и во операционата сала и до д-р Манасиевски кој беше истраен во поставувањето на мојата дијагноза.
Текстов е ужасно долг, знам. Ако сте го прочитале докрај значи дека сум успеала некако да допрам до вас. И многу сум среќна за тоа. Упатувам и апел до сите анксиозни да не си препишуваат сè на анксиозноста, да си го слушаат телото. Да сфатат дека стресот е гадна работа и дека не смеат да му се предатат. Да не беше Емил, веројатно ќе останев дома. А знам дека немаат си Емил по дома и се оставени сами на себе. Само не им кажувајте дека имате анксиозност веднаш, оти некој може веднаш да ве сфати за паничари. Не ви треба.
Јас отпосле им кажав дека сум анксиозна. Мислам дека цела болница дозна дека ова ми е прва операција. Битно помина. Јас се чувствувам одлично, скоро и да немам болка. Славете го животот и не оставајте ништо на случајност.
До следното патување,
ВЕ САКАМ.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.