Нашата уметница Стефани Стојаноска Наумческа (29) од Гостивар ја имаше својата прва самостојна меѓународна изложба со наслов „Уметноста на душата“, која се одржа во Ровиго, Италија, на 16 мај 2026 година. Денеска разговараме со неа за впечатоците од изложбата и за тоа како нејзините дела биле доживеани од италијанската публика.

„Ова беше еден од најзначајните моменти во мојата досегашна уметничка кариера. За мене беше голема чест моите дела да бидат претставени пред италијанската публика и пред љубителите на уметноста од различни земји“, вели Стефи.

Таа објаснува дека преку своите слики се стреми да ги пренесе емоциите, внатрешните состојби и приказните кои често остануваат неискажани со зборови. Оттаму произлегува и насловот на изложбата, „Уметноста на душата“, бидејќи секое дело е одраз на нејзиниот внатрешен свет и личната визија за животот, надежта и човечките чувства.

Стефи вели дека реакциите на публиката биле исклучително позитивни, што ѝ покажало дека уметноста е универзален јазик кој ги поврзува луѓето.

„Особено ме радуваше интересот што го покажаа посетителите кон мојата работа и можноста да разговарам со нив за инспирацијата и пораките зад моите дела. Оваа изложба ми даде дополнителна мотивација да продолжам да создавам. Верувам дека секое вакво меѓународно претставување е можност за културна размена и афирмација на современата уметничка сцена од Македонија“, истакнува таа.

Во текот на изложбените денови, Стефи имала можност да се сретне со бројни љубители на уметноста, уметници и претставници на културни институции. Изложбата ја посетиле луѓе од различни генерации, кои дошле да ги погледнат нејзините дела.

„Многумина се задржуваа пред сликите, поставуваа прашања за нивната симболика и сакаа да дознаат повеќе за мојата инспирација и творечки процес. Тоа за мене е најголема потврда дека уметноста успева да воспостави комуникација со публиката и да предизвика емоции и размислувања. Истовремено, ми дава верба дека мојата уметност допира до луѓето и надвор од границите на Македонија“, вели Стефи.

Таа додава дека ова искуство ќе ѝ остане едно од највредните во нејзината кариера и ќе биде поттик за нови проекти и меѓународни соработки во иднина.

„Покрај самиот успех на изложбата, посебен впечаток ми оставија луѓето кои ги запознав во Италија. Бев пречекана со голема љубезност, топлина и почит, а посетителите покажаа искрена заинтересираност не само за моите дела, туку и за мене како уметник и за Македонија, земјата од која доаѓам. Италијанскиот народ го доживеав како исклучително пријатен, дружељубив и отворен. Секој разговор со посетителите, организаторите и љубителите на уметноста беше исполнет со позитивна енергија и взаемна почит. Токму ваквите средби ја прават уметноста уште повредна, бидејќи таа создава нови пријателства и ги поврзува луѓето од различни култури и средини“, искрена е Стефи.

Од Италија се вратила со прекрасни спомени, нови познанства и чувство на благодарност за срдечниот прием што го добила.

„Тоа е искуство кое секогаш ќе го паметам со насмевка. Шеташ низ градот и гледаш плакати од твојата изложба. Посебно сум благодарна за подадената рака на уметникот Алит Сејадиноски. Сакам од срце да им се заблагодарам и на сите што ми честитаа, ме поддржаа и беа дел од овој посебен момент за мојата изложба во Италија. Вашите пораки, честитки и убави зборови ми значат многу и ми даваат уште поголем поттик за нови дела и идни проекти. Благодарам што ја споделивте оваа радост со мене“, заклучува таа.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.