*Статијата во целост е преземена и преведена од семејната терапевтка Љиљана Филповиќ, напишана за нејзиното Психолошко советувалиште.

Што е библиотерапија?

Библиотерапија претставува употреба на литература и поезија при лекување на луѓе со емоционални проблеми или ментални болести. Често се користи во групна социјална работа или групна терапија. Првпат се појавила во 1930-тите, а по Втората светска војна станала прифатена во психологијата и психијатријата. Таа доби научна потврда откако едно истражување покажа дека војниците кои читаат книги во болниците (за да им помине времето) закрепнуваат побрзо од оние коишто не читаат. Покрај библиотерапијата, постои и уметничка терапија, од кои најпознати се: сликарската терапија, драматерапијата, како и танцот, музиката и терапијата со движење.

Библиотерапијата, во суштина, се состои од избор на материјал за читање според животната ситуација на клиентот. Идејата за неа се разви сосема природно, од човечката потреба да се идентификува со другите преку литературата и уметноста. На пример, ако некое дете кое тагува за нешто чита приказна за друго дете кое тагува поради слична причина, ќе се чувствува помалку осамено. Концептот на библиотерапија со текот на времето се прошири, па вклучува и книги за самопомош без интервенција на самиот терапевт кој го „препорачува“ читањето.

Thought Catalog

Библиотерапијата се заснова на основите на психоаналитичката теорија. Затоа, читањето буди различни процеси кај читателот:

  • Идентификација: многу успешна кај децата – тие лесно се поистоветуваат со ликовите, брзо се вклучуваат во заплетот и на тој начин доживуваат цел репертоар на емоции, но и развиваат цела низа механизми за справување со стрес или опасност. Ова е најважниот процес, бидејќи ако се прескокне, останатите „нема да работат“.
  • Проекција: начин на анализа на сопственото и туѓото однесување. Притоа, често се среќава алтернативен начин за решавање на проблемот.
  • Катарза: со споделување на емоции со некој лик, читателот може да доживее емоционално ослободување и олеснување.
  • Увид: понекогаш увидот во туѓите проблеми и увидот во нашите ни помага да ги решиме сопствените проблем

Книгите се одличен подарок. Ни раскажуваат приказни. Ги заспиваат децата. Нѐ информираат и учат нешто ново. Или, пак, нè потсетуваат на она што веќе сме го научиле. Ги запишуваат фактите. Нѐ известуваат и тешат. Но, дали книгите можат да ни помогнат да сме поздрави? Можат. Употребата на книги, или литература, со цел подобрување на здравјето се нарекува „библиотерапија“.

Под библиотерапија подразбираме секаква планирана и методолошки подготвена употреба на книжевни дела, од секаков вид, како помошен метод во психотерапијата – третман на ментални нарушувања. Се користи од психолози и психијатри.

Библиотерапијата во поширока смисла, исто така претставува и „водечко читање“, коешто може да се вклучи во програмите за читање за општата популација. Ваквиот начин на користење на литературата се спроведува надвор од институциите и може да биде корисна во стресни ситуации и при надминување на тешки животни периоди. Ваквото читање најчесто го спроведуваат образовани библиотекари, или тим од експерти.

Aaron Burden

Од кога се практикува „библиотерапијата“?

Употребата на литературата за лековити цели е многу стара и го следи развојот на човекот уште при првите обиди да го обликува светот во мисла или слика. Шаманите ја користеле поезијата за религиозни цели. Во Египет на пациентите им препишувале зборови како лек. Целта на препишаниот лек  „зборот“ била да се врати нарушената ментална состојба на човекот во рамнотежа. Во многу африкански култури традиционално се изговараат зборови или стихови за лековити цели. Во текот на историјата, улогата на библиотерапијата се менувала и подобрувала.

Дали ваквите програми се спроведуваат во пракса?

Библиотерапијата во многу земји се спроведува во институции коишто се занимаваат со грижа и едукација на луѓето (болници, училишта, домови за стари лица и инвалиди, домови за деца со пречки во развојот итн.), но и во читални, библиотеки и клубови за читање.

Како „функционира“ библиотерапијата?

Да се ​​влезе под туѓа кожа, со читање соодветна литература, е психолошки процес. Преку асоцијативни и идентификациски процеси, читателот ги обработува своите проблеми, дилеми, животни улоги и настани. На овој начин тоа влијае врз психолошката компонента на здравјето, а со тоа и врз здравјето во целина. На читателите или пациентите може да им се препорачаат поединечни книги, кои не се нужно стручна литература, преку нивна обработка, преглед и презентација. Или, пак, преку водечко читање, може да се „обработат“ соодветни наслови коишто можат да се поврзат со поединечни детерминанти на здравјето (на пр., улога на жената во семејството, семејни проблеми, навигација по нови животни улоги, посттрауматски процеси итн.).

Shiromani Kant

Дали препорачувањето соодветни книги може да влијае врз здравјето?

Со препорачана книга, објаснување зошто и на кого му се препорачува книгата, на која популација се однесува и во која смисла читањето на препорачаната литература би можело да помогне, можеме да го подобриме нашето здравје. Преку механизми на мотивација, идентификација, удобност, чувство на припадност или со анализа на проблемот (сето тоа може да го обезбеди соодветната книга), можеме позитивно да влијаеме врз психолошката компонента на здравјето, а со тоа и врз целокупното здравје.

„Мојата последна порака за вас е: развивајте ја и одржувајте ја љубовта кон книгите. Затоа што освен што ќе ви даде приказна, песна или информација – можете и да ја допрете книгата. Таа има свој мирис. И свој пат. Од една рака во друга Во случај да сакате да избегате, за момент, од вашиот свет во друг. Само не заборавајте да се вратите„ завршува Филиповиќ. 

насловна фото: Kimberly Farmer