
Минатата година, на 29 септември, младата уметница Стефани Стојаноска Наумческа (29) ја имаше својата прва самостојна изложба во својот роден град Гостивар, под поткровителство на нашето Министерство за култура и туризам. Ова беше и те како голем подвиг за неа, како личност која неуморно се гради и созрева уште од својата шеста годинa. Најпрво цртала само со молив, а подоцна се запознала и со останатите техники.“
Стефани денес работи со повеќе техники, а веќе 10 години како е сериозно посветена на сликарството. Пошироката публика првпат дозна за неа откако медиумите објавија за нејзините дела во 2019 година. А особено го привлече вниманието со нејзините необични техники на боење, прво со кафе, а потоа и со вино.

Во 2024 година почна да учествува на ликовните колонии во Гостивар, преку здружението на уметници „ Драудакум“, како и во Дебар преку „Радика“.
„Таму запознав прекрасни луѓе и уметници од Македонија и надвор од нашата држава. Им благодарам на сите кои ме поддржуваа“, вели Стефи.
На нејзината прва самостојна изложба „Бесконечна надеж“, која се одржа во гостиварскиот Центар за култура „АСНОМ“, присуствуваа бројни посетители. Таму таа се претстави со 37 дела поделени во три категории: уметност со кафе, женски портрети и апстрактна уметност.
„На изложбата присуствуваа многу уметници и драги луѓе, меѓу кои и уметникот од Ровиго Италија, господинот Алит Сејадиновски, кој потекнува од Македонија, но живее и твори во Република Италија. Тоа беше моментот кога тој ги сподели моите дела со неговите колеги во Италија и го препозна мојот труд, љубов и талент. Со негова голема поддршка, од 2026 година сум член на колонијата на уметници во Ровиго, Италија. Благодарение на него, добив можност за своја самостојна изложба, под името „Уметноста на душата“, која ќе се одржи на 16 мај во Ровиго, Италија. Таа ќе биде отворена до 31 Мај“, раскажа Стефани.
Насловот на изложбата дошол сам по себе, бидејќи како што вели таа, не постои уметност без душа и љубов. Стефи додава дека е пресреќна поради тоа што нејзиниот талент и севкупното досегашно творештво се забележани и вреднувани од страна на уметници како што се г-динот Сејадиновски и неговите колеги.

„На изложбата ќе бидат изложени дела од моето најново творештво, создадени како израз на лична емоција, духовна длабочина и современ уметнички пристап. Таму ќе се претставам со апстрактна уметност. Ова претставува значаен чекор во мојата меѓународна уметничка активност и можност македонската уметност да се доближи до поширока европска публика, но во тоа лежи и голема одговорност. Да се прикаже својата уметност надвор од татковината е посебно чувство. За мене Италија е земја со огромна уметничка традиција и историја. Тоа е држава во која уметноста отсекогаш имала посебно место и каде што твореле големи светски уметници. Затоа за мене е особена чест што токму таму ќе имам можност да ја претставам мојата уметност“, искрена е таа.
Стефи додава дека ќе продолжи неуморно да твори со многу труд и љубов, како и досега. Таа ќе продолжи да го негува својот талент и да чекори по својот уметнички пат, ишаран со илјада бои.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.
