Неодамна имавте можност да прочитате уште еден осврт за мојата приказна со анскиозноста, како и за долгогодишната борба со неа и нејзиното прифаќање.
Воопшто не беше лесно да се прифати фактот дека доживотно сум осудена на згрчевито движење и говорење, болки во желудникот и потење на дланките, но се обидов да ѝ пружам рака на анксиозноста, наместо да бегам од неа.
Со години живеев во мрак на неспознаетост, понекогаш се прашував зошто не можам да сум како другите и зошто секогаш ќе бидам таква каква што сум, повлечена и настрана од љубопитните очи.
Мајка ми од малечка ме учеше да правам сѐ што и останатите деца. Ако сите викаат и јас да викам, ако сите скокаат и јас да скокам, ако сите лудуваат и јас да лудувам. Но јас колку и да сакав, гласот не ми излегуваше. Имав сопирачки на гласните жици.
Секој потсмев и секоја навреда, секое подбивање ми ја отежнуваше „борбата“ за самоприфаќање. Ми се смееа како играм, па се укочував и само ги мрдав колковите лево-десно, некои банални чекори со рацете и нозете, мислиш на кореографија за балада. Ми се смееа како зборувам англиски, па едвај ги читав речениците кога ќе ми наложеа. И одново и одново чекорев низ истиот пат.
Секогаш и секаде се наоаѓав со исти или слични препреки. Поради анскиозноста изгубив доверба во поголемиот дел од човештвото. И тука некако доаѓа мојата трансформација, мојот пресврт од долгогодишен проблем во симпатично решение за самоприфаќање и самосакање.
Последниве неколку години чекорам по една изменета траса. Одам по улица и флертувам самата со себе во мислите, си давам комплименти, си ласкам на своето чекорење, на своето битисување. Анскиозноста пробува да ме закочи и да ме натера дека тоа што го правам е глупаво, но помислувам дали и другите го прават тоа? Секако дека го прават. Ако не, тогаш имаат проблем исто како мене.
Анскиозноста ме одалечи од многу луѓе, ме натера да изгубам доверба, ме здроби, но и ме спаси. Ако не ја изгубев довербата, ќе останев наивна и лаковерна. Не, не е глупавост верувањето. Наивност е.
Глупав човек има проблем со нивото на интелигенција, во немањето срам и емпатија кон останатите, затоа глупав човек не може да биде анксиозен. Како да биде, кога тој не е свесен за своето постоење комплетно? Како да биде кога тој не ги анализира ситуациите? Не може да биде.
Анксиозниот е прилично свесен и за себе и за околината, има високо ниво на емпатија и емоционална интелигенција, верува во добрите страни на човештвото и рака в оган ќе стави само за не повреди некого, не дај Боже намерно.
И сега благодарна сум што не сум ни прилично толку наивна како порано, сега три пати мерам пред да пресечам. Ме фаќа анксиозност, но тука е Емил да ме доосвести. Да ме насочи.
Анксиозноста е проблем ако не знаеш како да ја третираш и ако ја занемаруваш, ако пробуваш да ја ставаш под тепихче. Но може да биде решение.
Ќе те спаси од злобни намери и лоши зборови. Ќе те натера да помислиш дали вреди во секое друштво да се збиеш, дали навистина сегде ќе те собере? Дали некој заслужува да ја дознае целосната твоја приказна? Дали вреди да ги разоткрие сите твои добри и лоши страни? Дали заслужува премногу да ти се доближи?
Јас имам две Марии во себе. Едната има анксиозност, другата не. Едната плаче и цимоли, другата црвсто ќе стои пред тебе и нема да ти попушти. Едната ќе занеме, другата гласно ќе се насмее. Едната тивко ќе зборува, другата громогласно ќе раскажува. И едната без другата не можат. Едната дење се буди, другата ноќе си легнува. Едната е со најблиските, другата е со познаниците. Едната раскажува бајки, другата плеска реални факти.
И едната и другата се смеат од срце. И толку треба да знаете. А колку ќе ги разоткриете, самите ќе пресудите.
Еве еден исечок од освртот, кој можете да го прочитате во целост на веб-сајтот taa.mk
Анксиозноста не престана никогаш и верувам дека ќе ја носам до крајот на животот. Но ја прифатив како состојба на умот. И сега знам дека никогаш не сум била ниту луда, ниту глупава, ниту сум имала некакви невролошки проблеми. Сум страдала од состојба од која страдаат многумина, а не се ни свесни за тоа.
Преку анксиозноста, дознав и за дислексијата, од која исто така страдам, што ги објаснува моите блокирања на часовите и моите потешкотии при читањето на англиски зборови. Повеќе не ми е табу ниту првата, ниту втората состојба. |
Слободно оставете ги своите предлози во мојата контакт-форма.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.