„Како си?“, прашална реченица од два збора. Толку проста за изговарање, а толку големо значење има. И тоа не само онака, површно и нон-шалантно, туку длабински и суштински.

Не дека вистина забораваме да ги прашаме другите како се, но повеќе сметам дека тоа го правиме рутински, низ муабет. „Еј здраво како си, а бе…“ Како дел од да стана узречица, а не дека некој навистина се грижи за тебе. Тоа го сфатив неколку пати, кога ме прашаа како сум, јас искрено одговорив. Наместо да се кријам зад маската на „супер, добро, одлично“, а во себе да вриштам од тага и гнев. Маубетот тука се завршува, „ќе помине, ајде“ или пак фокусот повторно завршува на личноста што прашала. Па да, од друга страна, пак, која е поентата да кажеш како навистина се чувствуваш кога некому едноставно не му е гајле? Подобро е да си ќутиш и да се надеваш дека нема да слушнеш глуп муабет за тебе излезен поради претпоставка зошто се чувствуваш така.

Но, сепак, сите сме луѓе, социјални суштества. Сакаме да слушаме и да бидеме слушнати, и нормално е, емоциите не треба да се кријат, туку треба да се искажуваат. И не велам дека треба секому да „кукате“ или да се жалите кога и да ве прашаат како сте. Но очекувам дека кога ќе им кажете дека периодот се соочувате со некаква тешкотија, во најмала рака, да наидат на разбирање. И следниот пат да ве прашаат како сте бидејќи се загрижиле за вас, да покажат разбирање.

И додека го пишувам ова, како да пишувам за некаков ендемски животински видови: „љубов“, „почит“, „разбирање“, „емпатија“… чекај зарем не се тоа од човековата природа? Или можеби беа, но изумреа заедно со многу други човекови вредности. Тивко, полека, неосетно ги лапна времето, ги голтна во бездна, оставајќи само трошки кои треба да потсеќаат на нешто одамна изгубено и обезвредното.

И не… да не се вадиме сите на брзото темпо на живеење, немањето време за себе а не па за другите. Имаме време да сослушаме. Ако имаме време за кафана, досадни евтини филмови и турски серии, безделничарско трачарење и шлаење од кафич до кафич, имаме. И те како имаме, само не знаеме да го распоредиме, па нон-стоп се вадиме на гужвите.

Ако некој навистина ви значи, тогаш прашајте го како е и одвојте време за него. Сослушајте го. Ќе му значи. Ако не сака да разговара, оставете го да одмори, не го притискајте. Ако чудно се однесува, посматрајте го или препорачајте му психолошка помош. Бидете тука за него. Особено ако таа личност е секогаш тука за вас.

И секако, како и секогаш, најважното ќе го заборавев, како за крај: Прашајте се себеси како сте. Ако ви треба одмор, земете. Ако ви треба муабет, разговарајте. Ако ви треба изолација, отидете некаде. Ако ви треба психолошка помош, побарајте. Бидејќи многу од нас го забораваат ова, токму поради грижата за другите.

Текстот го посветувам на сите интроверти и луѓе кои се срамат или одбиваат да се отворат, само за да не ги заморуваат другите.

Гушнете се силно, вие најмногу си требате сами на себе, за да можете да им помогнете на другите. Не се стишувајте себеси, не паѓајте надоле, подигнете ја раката навреме за спас. Вие не сте ништо помалку од другите кои бараат совети и помош постојано и од секого. Вие заслужувате исто да бидете прашани колку и тие. Вие заслужувате да бидете сослушани колку и тие.

Вашиот глас е вреден колку секој друг. И вашите емоции воопшто не се за фрлање, апсолутно.

Сите сме луѓе, од крв и месо, и ако некому му значите, ќе најде место и време да ве сослуша и помогне. Некои битки не смеете да ги извојувате сами, полесно е во пар.

photos: Unsplash

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.