Во денешно време, скоро и да не постои човек што нема анксиозност. Можеби самите луѓе и не ја дефинираат како таква, туку ја споредуваат со немир, страв, вознемиреност, нервоза итн.

Но, во суштина се работи за анксиозна состојба која поминува и одново се јавува при постресни ситуации, за нас стресни, за другите сосема обични и банални како што е на пример купувањето на поспецифичен производ кој можеби за дел од секунда ќе нè засрами (најчесто парче од долната облека), но и самото пробување може да ни биде стресно. 

Всушност, ајде да пробам да го поедноставам тоа. 

Анксиозноста може да предизвика нелагодност кога знаете дека може да бидете центар на внимание, сите очи да бидат вперени кон вас. Почнувајќи од вашата другарка, па сè до продавачката и моменталните купувачи кои ќе ги сретнете до кабината до вас или кои случајно се нашле пред вашата. 

Неретко, бидејќи патам од истата нелагодност, одбирам некои од парчињата да не ги пробувам на лице место, туку попрво би ги купила отколку да се измачувам во кабината, туфкајќи се. 

Токму вакавата нелагодност е дел од социјалната анксиозност како подкатегорија на анксиозното нарушување, за која подетално ќе зборуваме во некоја од наредните теми. Ќе се обидам да ве доближам до сите шест подкатегории: Генерализирана анксиозност, социјална анксиозност, опсесивно комплусивно нарушување, панично нарушување, фобии, посттрауматско стресно нарушување.

Мојата социјална анксиозност не е случајна, ниту се појавила да ми го наруши мирот и спокојот преку ноќ, напротив се таложела години наназад, можеби уште пред да знам дека воопшто постојам, од најраното детство.

За да објаснам како дојдов до овде, морам накратко да ви раскажам сè од почеток.

unplash/Hannah Tasker

Моето детство не се разликува од детството на останатите, на оние со кои пораснав, на другарките од маало, на комшиските деца. Детство како детство. Безгрижно, топло, убаво. Некогаш солзи, а повеќе смеа. Некогаш ранички на колената, ситни модринки на рацете и нозете од палавоста и беснеењето, а повеќе спокој и мирен сон.

Како деновите изминуваа, така мојата состојба се зголемуваше. Од секогаш бев мирна и ќутлива. Не сакав многу да зборувам, дури кога сум имала 3-4 години прашувале дали можам да зборувам или пак сум нема, ете дотолку. Сè мислам дека оттогаш постои и мојата најверна другарка, анксиозноста.

Тргнав во основно училиште, почнав да носам очила. Па неретко знаае да ме задеваат што за очилата, што за мојата килажа, бидејќи од секогаш сум слабичка, а што за презимето. Но од оваа дистанца чинам дека тоа беа моите најубави години, најбезгрижни од сите останати, што во основото, што во средно улилиште.

Првиот посериозен случај на анксиозност се случи кога имав околу 8 години. Бев на курс по англиски. Не знаев убаво да го искажам зборот, децата почнаа да се смеат и јас се затворив во купатилото. Не излегов додека не дојде наставничката. За среќа никогаш не го повторив тоа.

Вистинското врсничко насилство започнува во петто одделение кога нè мешаат со други класови, односно се доби целосно нова парарелка. Навредите продолжија, солзите се зачестија. Не се бираа ни место ни време, се шегуваа на моја сметка и неретко се надеваа дека ќе ме зезнат. 

Unplash/Lauren

Од основно, се префрливме во средно. Доста од моите дотогашни соученици дојдоа со мене. Но, не одев со нив на одморите. Сите си најдоа свои друштва, јас останав сама. Имаше моменти кога одев сама да јадам или да чекам да заврши часот кој го губевме. Тогаш пишував. Така уште повеќе се изроди мојата љубов кон пишувањето. Никогаш не ме остави. Бидејќи во тоа време почнав да пушам цигари, лесно можеше да се најде друштво. Така го најдов своето.

Деновите изминуваа, и на средното му дојде крајот. Многу полесно отколку кај основното. Некако како да се чувствував поприфатено, но тука веќе му бев лута на школскиот систем.

Unplash/Priscilla Du Preez

Заминав на факултет. Нови луѓе, нова средина. Повторно стари сооченици. Но некако работите се испреплетија, па повторно останав сама. По некоја игра на судбината, овде ја запознавам мојата најверна другарка, која ми помага да го пребродам најтешкиот период од мојот живот. Потоа прстите пак ми ја замастија судбината и најдов работа. Тука моето школување тектонски се измести, а со тоа и начинот на мојот живот.

Излегував почесто, се дружев почесто, Најчесто со погрешни луѓе. Всушност, цел живот сум се дружела со погрешни луѓе. Со луѓе кои не ја заслужувале мојата добрина, мојата искреност, мојата чесност. Тоа го препишувам на мојата постојана желба за дружба и прифатеност. Но во сета таа збрка ја наоѓам мојата најдбра другарка.

Unplash/ Pablo Heimplatz

Поминува тој период. И се случува најмагичното нешто. Ја среќавам љубовта на мојот живот. Е тука се случува пресвртницата. Дознавам за мојата анксиозна состојба, ги чистам негативните луѓе од својот живот, одбирам најблиско друптво и продолжувам понатаму. Оттогаш се борам со анксиозноста како знам и умеам. Свесна дека она што ми се случувало години наназад не било случајно. Дека сите панични напади, паѓања во несвест и социјални стравови се дел од мојата состојба.

Како што созревав вистински, така научив полесно да ги прифаќам „ударите“ кои ми ги дава/ше опшеството. Научив дека подобро е да си квалитетно сам, отколку во неквалитетно друштво. Сфатив дека уметноста е во несфатеноста, а не во очајниот обид да си ист како останатите. Сфатив дека сум уметник и дека мојот начин на размислување за повеќето никогаш нема да биде разбран од останатите.

Сфатив, научив, созреав. А низ мојата призма, ќе научите и вие. Бидејќи конечно имам мисија. Да им помогнам на анксиозните, како и на жените кои никој не ги научил на некои работи.

photos: Unsplash

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.