Колку пати сте се нашле во ситуација од непријатност да се согласите за нешто кое не сакате да го направите само за да не го навредите другиот или да не помисли дека сте дрски и безобразни? Веројатно многу пати. Редно е зборот „НЕ“ да се наоѓа сѐ почесто во вашиот вокабулар.

Причината е едноставна: да спасите жива глава од правање безброј глупости и прифаќање ризици од кои немате никаква полза. Па да започнеме.

Имено, неретко ги мешаме термините љубезност и поставување лични граници. Но, дали навистина мислите дека личноста која бара нешто од вас помислила дали вие го сакате тоа или не? Веројатно не, бидејќи не сте се изјасниле. Климате со главата и прифаќате. А сѐ додека вие прифаќате, тие уште повеќе ќе бараат и тоа ќе оди во недоглед.

Обично луѓето кои очекуваат услуги од другите без да прашаат дали навистина сакаат да го сторат за нив, немаат апсолутно никаква почит спрема останатите. Во нивниот свет тие се центарот, а околу нив кружат орбитери кои мора да ги исполнуваат нивните желби. Па, од познаник станувате нивен најобичен слуга.

Но, дали вие се гледате како такви во очите на останатите? Сигурно не.

Веројатно се плашите дека ќе испаднете дрски, па за да се заштитите себеси од таквата „негативна репутација“, молчите. И молчите. И вриете во себе, сѐ додека не експлодирате, е тек кога се случи тоа, тие се муртат и се оддалечуваат кон останатите орбитери.

Оддалечувањето е прост показател за почитта која ја имале спрема вас во моментот кога сте го изговориле првото НЕ. Тоа не вродило со ново поцрвсто пријателство, туку баш напротив, со ништење на веќе постоечко квази-другарство. Кое во ваша полза, а за нивна штета, може да е бајаги корисно. Така што, подобро пријател минус отколку да слугувате некому.

Како да поставите сопствени граници?

Многу едноставно. Личните граници можат да се постават на неколку начини и во неколку наврати. На пример, уште пред да правите нешто на пример: правење низа туѓи фотографии, објаснете ѝ на личноста дека ќе направите само неколку и дека немате намера тоа да го правите понатаму во текот на денот. Не се потресувајте доколку фотографиите не ѝ се допаднат, сепак вие не сте фотограф.

Потоа, можете да ги поставите додека некоја личност упорно одново и одново бара некаква услуга од вас. Пренесете ѝ дека првиот пат или два, тоа сте го направиле од љубезност, и да остави простор за некоја друга/слична услуга следен пат.

Најиделната опција е уште пред да се случи нешто, на пример да одите во некое чудно и непознато место, веднаш да кажете НЕ. Објаснете дека не сакате туку-така да прифаќате ризици и дека не се чувствувате пријатно кога одите на сомнителни места.

Во трите опции, доколку личноста која бара нешто од вас го прифати тоа без никакви приговори, ќе знаете дека таа личност заслужува да остане во вашиот живот и можеби следниот пат самите ќе бидете пофлексибилни. Но доколку се мурти и бега, тогаш дефинитивно баталете ја. Не заслужувате да си го трошите времето со луѓето кои не ве ценат вас и вашиот карактер.

Чувството после првото кажано НЕ

Неописливо. Ќе се почувствувате свои, ќе се почувствувате моќни. Ќе ја почувствувате сопствената енергија, ќе почувствувате како тешкотијата го напушта вашето тело и како се раѓа слобода во вашите вени. Колку да звучи смешно, но така е.

Живееме по туѓи принципи и правила, се оковаме со туѓи синџири, облекуваме туѓи тешки оловни опици и за што? За никаков, ама за баш никаков ќар.

Време е да поставите свои принципи, да поставите свои граници и приоритети. Повеќе одењето во загушливото диско каде одат сомнителни ликови нема да ви создава тежина, или пак, безцелното фотографирање на некоја  другарка. Повеќе нема да денот да го поминувате во исполнување на туѓите желби и барања, додека вашите чекаат негде во фиока.

Затоа што вие и вашето срце заслужувате да се изборите за нештата кои вие ги сакате, за нешттата за кои вие мечтаете. Вие треба да сте на пиедесталот на вашиот живот, вие треба да сте на тронот во вашиот свет, вие треба да сте главната улога, а споредна.

Зарем мислите дека луѓето кои упорно бараат нешто од вас ве ставаат на пиедестал? Мислат како се чувствувате? Не. Тие ќе бараат и ќе добиваат, штом секне од кај вас, ќе продолжат од кај некој друг. Тие луѓе се саможивници. Тие се пијавици.

Вие сте посилни, вие и ќе помогнете и ќе му го направите некому денот, но само онолку колку што тој заслужува и колку што вие можете да принесете. Онолку колку што и таа личност направила за вас. Седнете и размислете колку луѓето на кои упорно им велите ДА, направиле нешто за вас. Ќе ви биде јасно каде и колку грешите. Но и зошто.

Не сте вие дрски и безобразни, некултурни и бесмилосни, ако кажете некому „НЕ САКАМ/НЕ МОЖАМ“, не сте. Туку сте човек со принципи. И повеќе ќе ве почитуваат како такви, отколку како обични потрчковци.

И за крај еден совет: Без разлика колку пати да кажете ДА, секогаш она едно НЕ ќе биде пресудно за повеќето од разделбите.

photos: Pixaby

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.