Валентајн – чиста патетика! Денес сите се сакаат, купуваат подароци, се милуваат и ВОДАТ ЉУБОВ! Ох да, секако! Правење романтики до бесвест и се разбира, се знае финишот на вечерата. Денеска сите ги бркаат девојките да ги легнат, а на 14 ноември истите тие девојки ќе ги бркаат момците со стомакот до заби. Чудесија! На Фејсбук испрочитав триста полемики и сфатив колку е полесно да одиш на работа, отколку по групине на сите да им објаснуваш, да им помагаш што да им купат на саканите. Се изначитав досадни муабети од типот: „Ако му дадам, ќе го задржам ли?“; „Дали да го носам белото или црното фустанче на првиот состанок со Џорџ?“; „Што е подобро да му купам за Валентајн, мече или пепеларник?“; „Дали да одиме на вечера или во хотел?“ Немаше крај!!
„Алоо девојки, што ви е?“, си велам во паметот, па им напишав: „Ако те сака, ќе биде со тебе, без разлика дали си му се предала или не! Што ако му дадеш и те фрли ко парче хартија? Ако е пушач, купи му пепеларник, повеќе ќе му вреди отколку едно мече кое ќе го шутка подоцна низ соба. Мислиш му е дојдено до пица, дај биди реална. Оди задоволи го и сите грешки ќе ти бидат простени, згора на сè, доживотно ќе ти биде благодарен, што си му го разубавила денот. РЕШЕНИ ЛИ ВИ СЕ ДИЛЕМИТЕ?“ Додуша, не беа одговорите што ги очекуваа, ама ако. Отсекогаш велев дека не сум типично женско. Машките ќе ме сфатеа за што зборувам, нели?
© Текстот е преземен од книгата „Моето име е Марла“