Поетесата и писателка Софија Петковска е дипломиран педагог, како и мајка на четиригодишниот син Јосиф. Со неа се запознавме лани, кога говоревме за нејзината пасија кон пишувањето и идејата за оформување на здружение автори кои пишуваат за хуманитарни цели.
Овој пат главна тема на говорење е нејзината најнова книга „Едно слонче со црвено балонче”, која е
всушност нејзиното второ лично книжевно остварување, додека прва книга ѝ е стихозборката ,,Поетски нежности” која изобилува со поезија за возрасни.
За разликата од првата книга, втората е намената за детската публика.
„Книгата во себе содржи 12 песни за деца (поезија), 5 сказни (кои секогаш завршуваат со морална поука), 30 гатанки (на кои самото дете има можност да го напише одговорот), боенка (која всушност е одговори на гатанките преку цртежи), индекс на непознати зборови и умни цитати од познати личности. Интересно за оваа книга е тоа што е персонализирана, односно секое дете ќе има можност во неа да си го запише името и да залепи своја фотографија“, вели Софи.
Таа додава дека книгата е печатена во струшката печатница Ирис принт, со која досега има одлична соработка со оглед на тоа што и хуманитарните книги се печатени таму. Вели дека нејзиниот цртеж се нашол на корицата на книгата, а кој компјутерски го дизајнирал нејзиниот брат, Никола Дио Петковски, кој патем ги има изработено кориците на сите нејзини книги досега.
Како што и може да се претпостави, нејзината најголема инспирација е нејзиниот син Јосиф.
„Во оваа книга има посвета до мојот син, кој всушност ми е најголемата мотивација и инспирација за сѐ во животот, па така и за создавањето на оваа книга. Како педагог, наставник, но и родител пред сѐ, секогаш тргнувам од мислата – малку е многу, односно сметам дека колку повеќе ги поедноставиме работите, толку е подобро тие нешта и да ги сфатиме и да ги разбереме, но и од нив нешто да научиме. Па така, сакав во една книга да биде содржано сѐ она што на едно дете ќе му го задржи вниманието, ќе го поттикне да размислува, ќе ја развие неговата креативност и имагинација. И искрено се надевам дека успеав во тоа пишувајќи ја оваа книга“, вели Софи.
Сите заинтересирани кои сакаат да ја купат оваа книга која чини 400 денари, може да ја контактираат лично во порака на нејзината официјална Фејсбук страница „Поезија на Софија“ или да ѝпишат на нејзиниот мејл – [email protected]. Таа ги испраќа книгите по карго до секое село и град Македонија.
По добиените информации, каде може да се најде оваа неодолива книга за најмалите, се вративме на разговорот за нејзината пасија кон пишувањето и творењето. На моето прашање, која публика повеќе ја инспирира, детската или возрасната, таа вели: „Јас најмногу пишувам поезија за возрасни, како и книги, стручна литература од областа за која имам познавање, книги кои ќе бидат од голема помош на секој родител и наставник, но секако дека творам и за деца, најмногу поезија. А инспирација ми се и децата и возрасните, јас едноставно црпам инспирација буквално од сѐ, јас обожавам да пишувам.
Таа додава дека пишувањето за деца е многу специфична и комплексна работа и не секој автор што твори за возрасни, може да пишува и литература за деца, бидејќи со децата треба многу да се внимава.
„Пораките кои сакаме да им ги пренесеме треба да се јасни и концизни, доколку пишуваме песни, тие треба да се игриви, лесно да се помнат, да имаат рима, книгите да се шарени, весели и секако, треба да сме полни со имагинација, да имаме бујна фантазија, со еден збор, да сме како децата“, искрена е Софи.
Парарелно работи и на други проекти во моментов, како што вели таа, секогаш е во акција.
„Моментално сум посветена околу оваа книга ,,Едно слонче со црвено балонче “, бидејќи сакам да има и промоција, па сум ангажирана најмногу на тоа. Но, исто така, во соработка со еден писател од Црна Гора, работам на неговиот литературен проект кој носи наслов ,,Прегрни ме со стихови” и сум член во комисија, претставничка за Македонија“. И секако, пишувам и нови дела, кои се надевам дека ќе го видат светлото на денот“, вели таа.
Од нејзе, во блиска иднина можеме да очекуваме конкурс за нов хуманитарен проект со книга, преку нејзиниот книжевен проект ТВОРИ-ЧИТАЈ- БИДИ ХУМАН, кој се одвива тековно, секоја година.
„И секако, нови лични изданија, како поезија за возрасни, така и стручна литература од областа на педагогијата, психологијата и семејните односи“, завршува Софи.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.